И полицаецот кој наредува пајакот да го дигне поршето на Срѓан Керим е под дициплинска постапка во МВР по инцидентот кога припадници на 6-тата Управа го лажеа дека приватниот џип е службено полициско возило. Ова за Телма го потврдија од МВР кои одговорија и дека обезбедувачите биле во ресторанот како придружба на сопругот на претседателката Гордана Силјановска Давкова, Благој Давков.
-Полициските службеници биле ангажирани за обезбедување на лице поврзано со претседателката Гордана Силјановска Давкова, конкретно нејзиниот брачен другар, кој во моментот бил присутен во угостителски објект. Активноста на полициските службеници е во рамки на редовните мерки и надлежности согласно Уредбата за обезбедување на личности и објекти, одговорија од МВР.
Од МВР одговорија дека внатрешната контрола отворила постапка кога видеото беше објавено на социјалните мрежи на 4-ти април, а не на 22-ри март, кога се случило лажењето на бодигардите на првиот џентлмен Давков, за време на националната жалост по трагедијата во Кочани.
Во првичното соопштение на МВР го немаше третиот полицаец кој е во придружба на пајак возилото, а според МВР наредил да се крене поршето на Керим откако утврдил дека е приватно и дека колегите го лажеле. Младите кои се околу ја поздравија акцијата на полицаецот, кој првично ја „прифаќа“ верзијата дека е службено возилото и не наредува веднаш да се крене поршето, но потоа делува.
Но, МВР и внатрешната контрола сега тврдат дека и тој сторил „потешко кршење на работниот ред и дисциплина“ без многу детали што конкретно направил и дали им го предал поршето после носењето во депото.
За една недела се случија со два инциденти со припадници на 6-тата Управа кои беа дел од обезбедувањето на Силјановска и Мицкоски, а лани и обезбедувањето на Гаши направи два инциденти.