Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

МВР предупредува за лажни електронски пораки во име на директорот на БЈБ

 Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните  да не наседнуваат на лажни електронски пораки кои се појавиле деновиве во име на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) и предупредува дека се работи за обид за измама во меѓународни рамки.

– Деновиве во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, во наводна соработка со Европол, во која во вид на некакво барање за судско појаснување, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Притоа, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот со некакво објаснување за наводните дела. МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од која било институција за спроведување на законот. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани, информира МВР.

Исто така, Министерството предупредува да не се отвораат линкови и датотеки кои се испратени во прилог на мејл-пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на компјутерските системи на граѓаните од малициозен софтвер.

– Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот, наведува МВР.

Министерството ги информира граѓаните и дека во Секторот за компјутерски криминал е пријавено дека е изработена лажна веб-страница на Управата за јавни приходи, од каде се испраќаат пораки за некакво задолжително пријавување на лажен линк.

– Апелираме до граѓаните да не ги отвораат ваквите пораки и да не ги оставаат податоците од своите банкарски сметки затоа што станува збор за измама, апелира МВР. 

Зачлени се на нашиот е-билтен