Полицијата веќе собира контакт податоци од возачите за испраќање казни за сообраќајни прекршоци регистрирани од надзорните камери. Системот „Безбеден град“ треба да профункционира до крајот на 2025 година, првично во Скопје, Куманово и Тетово. Според Министерството за внатрешни работи (МВР), камерите ќе идентификуваат прекршоци како брзо возење, поминување на црвено светло и неправилно паркирање.
Иако проектот е најавуван со години, неговото одложување предизвика револт кај граѓаните, особено по трагичниот настан на 29 јануари, кога 22-годишната Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин во Скопје. Овој случај поттикна протести и барања за побрза имплементација на системот за контрола на сообраќајот.
За да може системот да функционира, потребни се законски измени. Од МВР информираат дека ќе бидат воведени нови членови во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои ќе ги обврзат сопствениците на возилата да одговараат за прекршоците регистрирани со камери. Дополнително, се работи и на регулирање на заштитата на личните податоци.
Камерите ќе снимаат и документираат сообраќајни прекршоци, а казните ќе се испраќаат преку СМС пораки, е-пошта и традиционална пошта. Министрот за внатрешни работи, Панче Тошковски, најави и развој на мобилна апликација која ќе овозможи следење на казните и други услуги поврзани со МВР.
Тестирањата покажале дека само 20% од активираните камери во еден ден регистрирале 2.000 прекршоци. Со целосно функционирање на системот, се очекува дневно да се детектираат над 20.000 прекршоци.
На 7 февруари во Собранието ќе се одржи јавна расправа за законски измени, поддржана од сите пратенички групи. Најавено е воведување построги казни, а се разгледува и можноста за одземање на возилото кај најтешките прекршоци.
Покрај институционалните мерки, граѓаните продолжуваат со протестни маршеви под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“. Следниот протест е закажан за 8 февруари во Неготино, родниот град на Фросина Кулакова. Претходно, протестите во Скопје ги насочија барањата кон Собранието, обвинителството и судот.