На дневен ред на Анкетната комисијата на Собранието денеска е претставкатата на Здружението на родителите на загинатите деца во Кочани

Кочани

На дневен ред на Анкетната комисијата на Собранието денеска е претставкатата на Здружението на родителите на загинатите деца во Кочани. Во агендата за работата на Собранието на Северна Македонија за денеска е закажана седница на Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот. На дневен ред е претставката поднесена од Здружение на граѓани „16 март 2025 Кочани“, во јавноста познато како Здружение на родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Во писмото на Здружението се посочува дека ова за нив не е политичка тема, туку борба за правда за нивните деца и спречување на идни вакви случаи. Во писмото се нагласува дека не сакаат ништо повеќе од она што Уставот и законите треба да го гарантираат: одговорност и почитување на човековите права и човечкиот живот, а за што сметат дека постои јасна и неодложна обврска институциите да дејствуваат.

-И затоа од Вас бараме, согласно Вашите надлежности како парламентарна комисија: Да поведете постапка за разгледување на овој случај како сериозна повреда на човековите права и слободи, особено правото на живот, безбедноста и правична постапка; Да ги повикате на сослушување сите релевантни институции, функционери и физички лица кои имале надлежност или биле во позиција на одговорност пред, за време и по трагичниот настан; Да иницирате темелна парламентарна истрага преку собраниската Постојана анкетна комисија со која раководите, со цел да се откријат сите слабости  во системот и евентуални прикривања, со посебен акцент на улогата на корупцијата. Да предложите итни измени во законската регулатива за работа на угостителски објекти, вклучително и јасни безбедносни стандарди, транспарентност во издавање на дозволи и зајакнување на контролата врз инспекциските органи и доколку утврдите дека имало масовна повреда на човековите права во трагедијата од Кочани, да поведете постапка за утврдување на одговорноста кај носителите на јавните функции, се наведува меѓу другото во писмото од Здружение на родителите на загинатите деца во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права и пратеник на Левица, Димитар Апасиев на 27 ноември кога информираше за закажувањето на седницата соопшти дека поканети се Претседателката на државата, Премиерот, претседателот на Собранието, министерот за внатрешни работи и други претставници на надлежни институции. На седница родителите и блиските роднини на загинатите деца во трагедијата во Кочани ќе можат да се обратат на собраниската говорница.

Апасиев во пресрет на седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, вчера повторно упати апел до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, како што вели, „да не измислуваат изговори и да се појават на седницата“. Тој посочува дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е усогласен токму со нив, бидејќи единствено денеска, не било закажано судско рочиште за „Пулс”. 

Минатата недела, на предлог на пратениците од парламентарното мнозинство – ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, во Собранието беше донесена одлука да се основа Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Северна Македонија која ќе се фокусира на трагедиите во Кочани, во Модуларната болница, Дурмо турс и Ласкарци. 

Зачлени се на нашиот е-билтен