Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На настанот каде учествуваше Мицкоски, Бенон покажа нацистички поздрав

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, учествува на собири во САД каде што се промовира крајната десница, а неговите политички сојузници влегуваат во нови контроверзи. На еден од тие настани – Конзервативната политичка акција конференција (CPAC) – поранешниот стратег на Трамп, Стив Бенон, покажа нацистички поздрав, што предизвика бурни реакции во јавноста.

Бенон го направи гестот додека ја повикуваше публиката да „се бори“, а потоа одговори со „Амин“ на аплаузот што го доби. Реакциите беа жестоки – од осуда дека „нацизмот официјално ја презеде Републиканската партија“ до коментари дека дури и екстремисти како Ник Фуентес се чувствуваат „непријатно“ од насоката што ја зема американската десница.

Во меѓувреме, Мицкоски се поврзува со истите политички кругови, учествувајќи на настани каде што доминира реторика на поделби, радикализам и популизам. Дали ова е правецот што тој сака да го следи и во Македонија? Ќе се огради ли од ваквите идеологии, или ќе остане дел од овој екстремно десничарски блок?

Ова е трета посета на македонскиот премиер на САД за многу кусо време. Првото патување во САД беше на НАТО-самитот во јули минатата година, а во јануари годинава присуствуваше на инаугурацијата на новиот американски претседател, Доналд Трамп. Сега повторно е во неколкудневна посета на Вашингтон каде ќе присуствува на годишната Конференција за конзервативна политичка акција.

Владината портпаролка Марија Митева деновиве на новинарско прашање рече дека Мицкоски е поканет во САД како претседател на Владата. Тој за време на посетата на Вашингтон се очекува да има и билатерални средби, за што Митева најави дека ќе биде информирана јавноста.

Како дел од говорниците на оваа конференција се најавени и претставникот за специјални мисии на претседателот Доналд Трамп – Ричард Гренел, поранешниот висок советник на американскиот претседател Доналд Трамп – Стив Бенон и други. Како дел од многубројните говорници се најавуваат и актуелниот премиер на Словачка, Роберт Фицо, поранешната премиерка на Велика Британија Лиз Трас, британскиот радикал Најџел Фараж, потоа поранешниот премиер на Полска Матеуш Моравјецки и Џордан Бардела кој ја предводи екстремната десница во Франција, заедно со Марин Ле Пен. Мицкоски преку пост на Фејсбук најави дека и тој ќе биде меѓу говорниците на големиот собир на конзервативците, иако на официјалната страница такво нешто, досега, не е најавено.

Зачлени се на нашиот е-билтен