На повидок е нов протокол со Бугарија како „креативна дипломатија“ за одблокирање на пристапниот процес кон ЕУ

Сега кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, топката е на нивен терен. Ако добијат модифициран „француски предлог“, тие можат сами да го изгласаат. СДСМ одамна е на став дека ќе прифатат разумно решение за одблокирање на пристапниот процес кон ЕУ.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Посетата на шефицата на европската дипломатија се чини овој пат не била „обична“.

Очигледно е дека ЕУ конечно е решена да најде модалитет со кој ќе го откочи процесот на пристапување на Македонија кон Унијата.

При тоа Каја Калс беше јасна дека Унијата (но и Бугарија) остануваат на планот „А“ што значи немаат намера да го менуваат суштински т.н. „француски предлог“, туку дека се обидуваат да најдат конструктивно репшение што би ги задоволило сите три страни: Унијата,Бугарија и Македонија. Тоа засега кореспондира со некои предлози во неформално наречениот „француски предлог-плус“. (*Терминот „Француски предлог-плус“ или „нов француски предлог“ не е објавен во официјален документ на Франција или ЕУ,  но го користат аналитичари, новинари и дипломати (и во Брисел и во Скопје) за да опишат можна нова дипломатска формула која ќе го задржи оригиналниот документ – но ќе му додаде политички „амортизери“ и гаранции).

Ново толкување на преговарачката рамка

Суштината на овој план ја „откри“ претседателката Гордана Силјановска-Давкова во интервјуто за РСЕ. Имено таа предлага ново толкување на постојната преговарачка рамка.

Претседателката смета дека, иако преговарачката рамка е веќе усвоена, таа може да се толкува во согласност со основните документи на ЕУ, кои предвидуваат дека билатералните прашања не треба да бидат дел од преговарачката рамка . Ова би значело дека историските и идентитетските прашања не би требало да влијаат на процесот на пристапување.

Она што е уште посуштинско е нејзиниот предлог за потпишување на нов протокол меѓу Скопје и Софија. Имено билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија (потпишан на 17 јули 2022 година во Скопје) е клучниот спорен документ во целиот „француски предлог“ и во билатералните односи.

Протоколот произлегува од Првата меѓувладина конференција меѓу двете земји, како дел од обврските од Договорот за добрососедство.

Тој не е меѓународен договор, но е дел од пакетот што се смета за услов за евроинтеграциите.

Протоколот предвидува редовни годишни извештаи за напредокот во исполнувањето, а кои се однесуваат на за нас сензибилни историски прашања.

На оваа точка беа и главните разлики меѓу СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.

Од една страна СДСМ и тогашниот министер за надворешни работи се во право кога велат дека Протоколот не е меѓународен договор депониран во ОН. Не постои правна санкција ако историската комисија не донесе заклучоци, а во Преговарачката рамка на ЕУ не се наведени конкретни историски услови.

Но од друга страна Бугарија го смета Протоколот за обврзувачки. Бугарија има практично право на вето во Советот на ЕУ, каде секоја земја-членка може да го блокира процесот на отворање или затворање на поглавја. Оттаму Протоколот, иако формално не е обврзувачки, и дава на Бугарија легитимна „параполитичка“ основа за уценување -барајќи исполнување на билатералните барања.

Како дел од „креативната дипломатија“, Силјановска-Давкова предлага потпишување на нов, трет Протокол со Бугарија, кој би се фокусирал на конкретни чекори за унапредување на билатералните односи, без да се навлегува во спорни историски прашања.

Инволвирање на Европскиот парламент и Советот на ЕУ

Ново во предлозите е инволвирање на Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

Претседателката предлага Европскиот парламент да донесе акт кој би ја реафирмирал поддршката за евроинтеграцијата на Северна Македонија, додека Советот на ЕУ би можел да издаде инструкции за начинот на кој билатералните прашања се третираат во процесот на проширување. Ова би помогнало во спречување на злоупотребата на билатералните спорови како средство за блокада.

Силјановска-Давкова нагласува дека процесот на пристапување треба да се базира на Копенхашките критериуми, кои според неа Северна Македонија ги исполнува.

На тој начин предлозите на претседателката Гордана Силјановска-Давкова значајно кореспондираат со идејата за нов пристап во рамките на т.н. „Француски предлог плус“. Иако формално-преговарачката рамка останува иста, постои можност за политичко и техничко „редизајнирање“ на нејзината примена, што е токму суштината и на двата пристапи. Имено, реалноста е дека рамката не може да се врати назад, но нејзината примена може да биде политички и правно ублажена, дека Бугарија има право на вето, но тоа може да се „обеззаби“ со гаранции и нови протоколи.

Ако навистина се подготвува „предлог плус“, веројатно ќе ги вгради токму овие елементи – нов протокол, политички гаранции, нова динамика на преговори и можеби флексибилност во однос на уставните измени и начините на нивна примена.

ЕУ е заинтересирана за стабилност во регионот и успешна интеграција на Македонија, па би можела да го зголеми притисокот врз Софија да го олесни процесот.

Сега кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, топката е на нивен терен. Ако добијат модифициран „француски предлог“, тие можат сами да го изгласаат. За тоа сепак ќе треба државно и национално единство без разлика што ВМРО ДПМНЕ има апслутно мнозинство во Парламентот. И Премиерот Христијан Мицкоски тоа и го стори на Денот на одбележувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј.   

Но ако веќе бараат „поширока поддршка“, тоа значи дека сакаат подготовка на јавноста  и меѓународна легитимација за својата верзија на решението. Ова дотолку повеќе што во дел од медиумската јавност одат наслови од типот „Наместо да го раскинат ДПМНЕ ќе потпишува нов договор со Бугарија“, кои потсетуваат на времето кога ВМРО ДПМНЕ имаше ригиден став по прашањето на Договорот со Бугарија

Ова лидерот на СДСМ Венко Филипче го сфати и затоа предложи лидерска средба. За чудо Мицкоски засега одбива средба со опозицијата, иако повикува на единство.

Зачлени се на нашиот е-билтен