На Раде Штекли му се слоши – одложено судењето за на 7 август

Почетокот на судскиот процес против Раде Трајковски‑Штекли и уште деветмина обвинети за трговија со дрога е одложен за 7 август, поради ненадејна хоспитализација на првообвинетиот. Најавеното денешно рочиште, закажано за 10:00 часот, првично беше поместено за по 11:00 часот, но судијата Илија Трпков објави дека Трајковски бил неконтактибилен и дезориентиран, па морал итно да биде префрлен во Клиничкиот центар.

Од затворот информирале дека пренесувањето се одложило додека чекале асистенција од Министерството за внатрешни работи, поради што судот реши дека не може да чека „цел ден“ и го презакажа процесот.

Обвинителката Верица Крстева посочи дека одбраната доставила психијатриско мислење според кое Трајковски не е способен да го следи судењето. Обвинителството, рече таа, ќе побара сопствено вештачење и одржување подготвително рочиште на кое ќе се соочат двата извештаи.

Обвинителството за гонење организиран криминал товареше 16 лица за продажба на кокаин и марихуана, главно во скопската населба Аеродром, по речиси едногодишна истрага со посебни истражни мерки. Седуммина обвинети претходно склучија спогодби и добија затворски казни од 3 до 3,5 години, по што останаа десетмина на главната постапка.

Според обвинението, групата била „јасно организирана“: од набавка до складирање на дрогата во изнајмени станови, па сè до улична продажба. Цените се движеле од 4 500 до 6 000 денари за грам кокаин и од 200 до 300 денари за грам марихуана. Комуникацијата се одвивала преку Snapchat, а клучни докази биле извлечени со системот „Cellebrite“ за анализа на мобилни телефони, донација од САД.

Новото рочиште на 7 август треба да го означи формалниот почеток на главната расправа, доколку здравствената состојба на Трајковски‑Штекли го дозволи тоа.

Зачлени се на нашиот е-билтен