Зголемена е фреквенцијата на возила во земјава, а на граничниот премин „Табановце“ времето на чекање за излез од државата изнесува околу 40 минути, соопшти АМСМ.
Според информациите, на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања ниту при влез, ниту при излез од земјава.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, иако интензитетот на движење е зголемен, особено надвор од градските средини.
АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност за појава на одрони.
Ова предупредување посебно се однесува за делниците: Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.