„На точак“: Пешаците нема да се казнуваат за слушалки на тротоар, туку само при преминување улица

Иницијативата „На точак“ реагираше на неточните интерпретации околу предложените измени на Законот за безбедноста на сообраќајот, посочувајќи дека во јавноста се создава забуна за тоа дали пешаците ќе бидат казнувани доколку користат слушалки.

Според нив, предлог-законот не предвидува казни за граѓани кои користат две слушалки или мобилен уред додека се движат по тротоар, пешачки зони или паркови. Казните се однесуваат само на преминување преку коловоз или велосипедски патеки со слушалки во двете уши или со користење електронски уреди.

„На точак“ укажува на нелогичности и двојни стандарди во однос на различните учесници во сообраќајот. Така, возачите на автомобили можат да носат слушалки во двете уши, додека за пешаците, велосипедистите и тротинетистите постојат построги ограничувања.

Организацијата смета дека казните се непропорционални: за возачи изнесуваат 40 евра, за велосипедисти 50 евра, а за пешаци 40 евра – иако тие се најранливи и најмалку виновни во сообраќајни несреќи. Според „На точак“, праведна казна за пешаците би била 20 евра, а за велосипедистите помала од сегашната.

Иницијативата апелира сообраќајните политики да се темелат на реални ризици и статистика, нагласувајќи дека најголема закана на патиштата е пребрзото возење автомобили. „Наместо жртвите да се казнуваат, потребно е да се насочат напорите кон вистинските проблеми“, порачуваат од „На точак“.

Зачлени се на нашиот е-билтен