Две илјади и 400 тркачи од 28 земји ќе учествуваат на 9. издание на Атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“ што од 30 мај до 1 јуни се одржува во Охрид. Според организаторот, ова е најголема бројка на учесници досега, а рекорден е и бројот на странски учесници во трките.
Од пријавените 2.400 спортисти, 510 се полумаратонци од кои 50 отсто се странци, а има и 70 штафети.
„Олимпиецот Дарио Ивановски е повторно со нас, имаме интересни тркачи, кои се воодушевени од тоа што гледаат во Охрид. Годинава имаме богата програма, вчера почнавме со ноќната трка и експото, денес имаме и панел дискусија на која ќе говориме за општествената одговорност“, кажа Иван Цветкоски од Атлетскиот клуб (АК) „Охрид трчаТ“.
‘Охрид трчаТ’“ има длабока вредност за локалната заедница, не само заради тоа што го промовира здравиот начин на живот, туку и затоа што директно влијае врз локалната економија, преку исполнети сместувачки капацитети, посетени ресторани, локални бизниси“, вели Јоне Станкоски од „Охрид Трчат“.
Утре (1 јуни) ќе има и времен режим на сообраќај во периодот од 8 до 11 часот. Стартот на трките на 21 километар и 5 километри утре е со почеток во 8:15 и 9 часот.