Европската комисија повторно доделува повеќе од 40.000 бесплатни билети за млади кои сакаат да патуваат со воз низ Европа. Право на пријавување имаат и младите од Северна Македонија, а рокот за аплицирање е во наредните две недели.
Овој повик е наменет за сите родени помеѓу 1 јули 2007 и 30 јуни 2008 година. Пријавувањето може да се направи и пред да се наполни 18 години, но избраните кандидати мора да бидат полнолетни пред почетокот на патувањето.
Заинтересираните можат да аплицираат до 22 април напладне преку Европскиот портал за млади, индивидуално или во група до пет лица. Како дел од процесот, потребно е да се одговори на краток квиз за познавање на Европската Унија и дополнително прашање за проценка.
По затворањето на повикот, пријавите ќе ги разгледуваат Европската комисија и Извршната агенција за европско образование и култура. Програмата се спроведува во два циклуса годишно.
Избраните учесници ќе добијат можност бесплатно да патуваат со воз низ Европската Унија во периодот од 1 јули 2026 до 30 септември 2027 година. Патувањето може да трае до 30 дена, со максимум седум дена поминати во воз.
Од почетокот на програмата досега, повеќе од 1,9 милиони млади аплицирале, а околу 431.931 од нив добиле бесплатна карта за патување низ Европа.
Пријавувањето можете да го направите ТУКА.