Во недостаток на атрактивни стратегии програми на институциите, младите во Северна Македонија и понатаму се соочуваат со сериозни предизвици бидејќи заложбите и ветувањата на властите најчесто остануваат само на хартија, а во реалноста нема доволно промени. Невработеноста е висока, желбата за емиграција е постојано присутна, а довербата во државните институции е на исклучително ниско ниво. Последните податоци од повеќе релевантни извори укажуваат дека состојбата не само што не се подобрува, туку за многу млади се влошува.
Според податоците на CEIC – Data е глобален провајдер на економски и финансиски податоци), во декември 2024 година невработеноста кај младите достигна 32,3%, што ја става Северна Македонија меѓу европските земји со највисока младинска невработеност. Ова е речиси двојно повеќе од просекот на Европската Унија, кој се движи околу 15%. Овој проблем е особено изразен кога ќе се земе предвид дека младите во државата имаат високи образовни квалификации, но тие не можат да ги искористат во националната економија.
Истовремено, анкетата на Вестминстер фондацијата за демократија (WFD) покажува дека 62% од младите би се иселиле, а 77% не планираат да се вратат назад, што укажува на длабоко вкоренета недоверба и несигурност во перспективите кои ги нуди државата.
Колку млади се иселуваат годишно – и зошто?
Според последниот извештај на Институтот за демократија “Социетас Цивилис” (ИДСЦС), околу 12.000 млади (до 29 години) ја напуштаат Северна Македонија секоја година. Најчести дестинации се Германија, Италија, Австрија и Чешка.
Причини за иселување:
-Недостаток на работни места со соодветна образовна квалификација
-Слаби перспективи за кариерен напредок
-Ниска плата во споредба со трошоците за живот
-Корупција и непотизам
-Недоверба во правосудството и институциите
Што велат младите?
„Работев две години во приватна клиника за 30.000 денари. Немаше напредок, ниту сигурност. Сега во Германија сум на специјализација и имам плата која ми дозволува нормален живот, вели Ана, 26 -годишна медицинска сестра (замината во Германија).
Дел од младите живеат во Сверна Македонија и работат, но сепак апатичното општество и корумпираниот систем ги тераат да размислуваат да заминат.
„Имам добра работа во ИТ секторот, но тоа не е случај за сите. Повремено размислувам да заминам, особено кога ќе видам колку млади од моето друштво веќе се надвор“, вели 24 годишниот Филип, кој е ИТ инженер.
Младите преку агенцијата за вработување може да добијат финансиска поддршка за млади земјоделци, стартапи и фриленсери, како и програми за поддршка на младинско вработување, но сепак финансиите за започнување бизнис понекогаш се многу ниски, а вработувањата несоодветни на образованието.
Но според граѓанските организации, овие мерки често не се доволно познати, лошо спроведени и слабо следени. Нема единствена и координирана политика за задржување на младите во државата.
Пазар на труд, образовен систем и пензии
Иселувањето на младите од Северна Македонија има сериозни последици на повеќе области, кои се одразуваат како на економијата, така и на социјалната и образовната структура на државата. Овие последици се директни и индиректни, а нивното влијание ќе биде чувствувано и во иднина, доколку не се преземат итни мерки.
Еден од најголемите проблеми предизвикани од иселувањето на младите е недостигот на квалификувана работна сила. Се одразува на клучни сектори како здравство, градежништво, ИТ и образование, каде што веќе се чувствува недостиг на стручни работници. Бројот на здравствени работници, наставници и инженери се намалува, додека пазарот на труд не успева да ги задоволи потребите на економијата. Како резултат на ова, државата се соочува со предизвикот на пониски нивоа на продуктивност и конкурентност на пазарот.
Иселувањето на младите има и длабоко влијание на образовниот систем. Со заминувањето на младите, се намалува бројот на запишани ученици и студенти, што доведува до затворање на училишта, особено во помалите општини и руралните области. Се намалува и бројот на новозапишаните во високообразовни институции, што доведува до помала заинтересираност за натамошно образование и понатамошна професионализација. Оваа динамика не само што го намалува квалитетот на образованието, туку и ја доведува во прашање иднината на образовниот систем во државата.
Намалувањето на бројот на млади кои плаќаат пензиски придонеси е уште една сериозна последица од иселувањето. Како што се намалува работната сила, се зголемува бројот на пензионери, што го доведува пензискиот систем во неизвесност. Растот на пензионерите и намалувањето на бројот на работници кои активни придонесуваат во системот, создава нерамнотежа, што во иднина може да го направи пензискиот систем финансиски неодржлив.
Како стоиме во споредба со регионот?
Иако проблемот е заеднички за регионот, Северна Македонија е во групата земји со највисок одлив на млади во однос на вкупното население.
Статистика за миграцијата на младите во регионот:
Пораснатата миграција на младите од земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Северна Македонија, се проценува преку различни индикатори. Според податоците на Евростат, околу 40% од младите од Западен Балкан кои се иселуваат, заминуваат на студии или работа во земји на Европската унија.
Во последните 5 години, околу 60,000 млади лица од Македонија се иселиле, што претставува значителен процент во однос на вкупното младинско население.
Слични трендови се бележат во соседните земји, со најголем процент на миграција од Албанија и Косово каде што бројот на иселеници е во постојан пораст.
За разлика од државите од Европската унија, каде миграцијата е помалку насочена кај младите, земјите од Балканот имаат висока стапка на иселување на младите, каде периодично изнесува дури и 8% од вкупното младинско население.
Земја | Младинска невработеност (2024) | % млади кои сакаат да емигрираат |
---|---|---|
Северна Македонија | 32,3% | 62% |
Србија | 27,8% | 58% |
Албанија | 34,0% | 66% |
Црна Гора | 29,5% | 54% |
Бугарија (ЕУ) | 14,7% | 25% |
Извор: Евростат, Статистички податоци за миграција 2024.
Младите ја напуштаат Северна Македонија со чувство дека тука немаат иднина. Без решителни и долгорочни мерки, оваа тенденција ќе продолжи и ќе влијае на сите сфери – економија, образование, пензии и социјална стабилност. Потребна е не само стратегија, туку и целосна промена на односот кон младите – од формални програми, кон реални можности и доверба во институциите.