Над 70.000 граѓани во Македонија пријавиле приход од издавање имот под закуп

Во Македонија сè повеќе луѓе вложуваат во станови, деловен простор, гаражи, земјиште и друг вид недвижен и подвижен имот со цел да заработуваат преку нивно издавање под закуп. Сепак, колку од овие приходи завршуваат во легалните евиденции, а колку во сивата економија, често е тема на дебати.

Според податоците на Управата за јавни приходи (УЈП), во 2024 година вкупно 71.671 даночен обврзник пријавил приход од закуп и подзакуп. Ова е помалку во однос на 2023 година, кога такви пријави доставиле 74.540 лица. И покрај намалениот број обврзници, наплатата на данокот по овој основ се зголемила – од 13,2 милиони евра во 2023 година, на 14,6 милиони евра во 2024 година.

Од УЈП објаснуваат дека контролите за приходите од закуп се спроведуваат преку пошироки проверки на данокот на личен доход. Во случаи кога не е пријавен приход, се врши дополнителна пресметка со камата.

Особено внимание се посветува на краткорочните издавања преку платформи како „Airbnb“ и „Booking“. УЈП потсетува дека и овие приходи мора да се пријават и дека редовно собира информации од банките и меѓународни даночни служби за трансакциите поврзани со вакви услуги.

Данокот на приход од закуп и подзакуп изнесува 10%, а како даночна основа се зема бруто-приходот намален за нормирани трошоци (10% или 15% кај опремени станови и деловен простор).

Интересен е податокот на Катастарот: лани биле регистрирани 8.481 недвижност дадена под закуп, меѓу кои помалку од 3.000 станови – што е малку во споредба со бројот на пријавени даночни обврзници.

Зачлени се на нашиот е-билтен