Во последниот период се бележи пораст на кучиња што завршуваат на улица иако имаат активен микрочип, со кој нивните сопственици јасно се идентификуваат. Дел од нив, и покрај повикот од службите, одбиваат да си ги преземат милениците, по што кучињата завршуваат во прифатилиштето на ЈП „Лајка“ и дополнително ги оптоваруваат и онака ограничените капацитети.
Од ова јавно претпријатие посочуваат дека само во последните денови заловиле девет кучиња со сопственик кој свесно ги оставил да талкаат. Секое од тие животни, доколку не биде навреме згрижено, може да создаде нови легла на улица и да придонесе за натамошно зголемување на популацијата на напуштени кучиња – проблем што веќе има сериозно влијание врз заедницата.
Иако Законот за заштита и благосостојба на животните го забранува напуштањето миленици, за сопствениците што свесно ги оставаат своите чипирани кучиња засега не постојат конкретни прекршочни мерки. Поради тоа, кучињата со микрочип најчесто завршуваат повторно во „Лајка“, што го открива длабокиот системски јаз во решавањето на овој проблем.
Од претпријатието потсетуваат дека секој што поседува куче има морална и практична обврска да се грижи за него. Микрочипот не е само идентификациски број, туку и одраз на преземена одговорност. Доколку сопственикот веќе не може да се грижи за миленикот, треба да најде легално и хумано решение – контакт со прифатилиште, барање помош или обезбедување нов дом, а не оставање на животното на улица.
„Лајка“ најавува дека ќе продолжи да постапува во рамките на своите надлежности, но укажува дека појавата со напуштени чипирани кучиња покажува колку е неопходно зајакнување на системските механизми и подигање на јавната свест за одговорно сопствеништво.
Напуштањето не е решение – секое куче, секој микрочип, значи јасна и неизбежна обврска.

