Најчевска: Грандиозно бесмислена диксриминација е најавата на Мицкоски да ги оданочи немажените и неженетите

Најавата на Мицкоски да им „удри“ данок на немажените и неженетите е дискриминација и грандиозно бесмислена, оценуваат експертите за човекови права.

„Ова директно потпаѓа под одредбите за дискриминација (по неколку основи) и мешање во приватниот живот на луѓето, и е спротивно на десетици меѓународни договори кои ги имаме ратификувано како држава. Спротивно е и на нашиот Устав и на самата идеја за индивидуални права и слободи. Според мене тоа е срамна изјава која зборува за флагрантно незнаење па и за нешто повеќе“, изјави за Рацин.мк проф. д-р Мирјана Најчевска.

Таа вели дека самата изјава веќе треба да запали црвено светло и да се активира Уставниот суд и сите заштитни механизми за човекови права и слободи на било кој обид во насока на спроведување на една вкава бесмислена идеја.

„Дали ова значи дека некоја друга влада која ќе дојде на власт на чело со друг премиер со ист капацитет, може да предложи данок на сите кои се во брак или данок на сите кои имаат големи уши или данок на старост над 70 години или … Бесмисолот е грандиозен“, оценува Најчевска.

Таа прашува „што станува со оние кои не се во брак, а имаат деца: Тие исто ќе бидат казнети или пак наградени. А тие кои се во брак, а немаат деца и не си ја исполниле светата должност?

„Изјавата треба да поттикне разговор за капацитетите на премиерот, а не за неговата идеја“, одговори проф. д-р Мирјана Најчевска на барањето на Рацин.мк да ја прокоментира најавената намера на Мицкоски и Владата да водедат данок на немажени и неженети.

Зачлени се на нашиот е-билтен