Најчевска: Со предложените промени, насилници, тепачи, криминалци, можат да работат во полиција и да носат оружје

Фотографија од тактичко показна вежба на единицата „Тигар“, преземена од Фејсбук страницата на МВР
Фотографија од тактичко показна вежба на единицата „Тигар“, преземена од Фејсбук страницата на МВР

„Предлогот за промени на Законот за полиција е во најмала мера загрижувачки и јас навистина се надевам дека пратениците сериозно ќе го анализираат овој предлог и нема да ги изгласаат проблематичните промени“, вели проф. д-р Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања прик УКИМ во разговор со Рацин.мк.  

Според мое мислење дел од промените се директно насочени кон намалување на професионалноста, стручноста и компетентноста посебно на дел од раководни лица во МВР, предупредува Најчевска.

Како пример, таа посочува на предлогот да се избрише ставот 2 од членот 22 од Законот за полиција во кој е предвидено соодветно образование  и работно искуство од најмалку 6 години како услов за избор на позицијата началник.

„Ова овозможува на оваа раководна позиција да бидат поставени луѓе кои немаат ни соодветно знаење ни соодветно искуство, што остава простор за сомнение дека најверојатно имаат соодветна партиска поддршка“, оценува Најчевска. 

За дел од промените таа вели дека се уште позастрашувачки.

„Таква промена според мене е бришењето на членот 119 од Законот за полиција. Со бришењето на овој член се овозможуваат полицајци, тоа се оние луѓе кои единствени во државата имаат законско право на употреба на сила, да бидат луѓе кои биле осудени и на кои им е забрането вршење определени работи од работен однос или им е изречена заштитна или безбедносна мерка. Тоа значи дека луѓе кои го прекршиле законот ќе имаат можност да носат оружје, да применуваат посебни мерки, да применуваат сила и да ги штитат правата и слободите на граѓаните“, смета професорката.

Во оваа категорија застрашувачки предлог измени е и намерата за промена на членот 31 во кој наместо обврска за времено одземање на оружјето од полицаецот за кој започнала постапка за сторено кривично дело или прекршок со елементи на насилство, се предвидува можност оружјето воопшто да не биде одземено.

„Уште повеќе, се брише членот 31-а со кој е предвидено  “службеник за кој е поведена постапка за сторено кривично дело или прекршок со елементи на насилство, односно за кој е добиено известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство“ да биде упатено на задолжителен психијатриски и психолошки преглед односно советување со психолог. Според избришаниот член токму наодот од овие прегледи и советувања е основа за донесување одлука дали во иднина ова лице ќе има право да носи оружје или не“, оценува проф. д-р Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања прик УКИМ во разговор со Рацин.мк.   .

„Со други зборови, со предложените промени, насилници, тепачи, криминалци, можат да работат во полиција и да носат оружје“.

Промените на членот 97, вели Најчевска, со кои се овозможува непречено вработување во МВР без јавен оглас и без почитување на критериумите дадени во Законот за полиција погодува на нетраспарентна постапка на избор.

„Нетраспарентната постапка за вработување во комбинација со промените кои овозможуваат полицајци да бидат луѓе кои го прекршиле законот создава услови за  деградација на полицијата и силно влијание на партија/партии кои во моментот ќе бидат на власт“, укажува професорката.

За проф. д-р Мирјана предложените измени во законите за внатрешни работи и за полицијата деградација на полицијата.

„Ова би требало да запали црвено светло кај сите професионални полицајци и посебно кај полицискиот синдикат, кај Народниот правобранител и секако кај пратениците во Собранието“, рече во разговорот за Рацин.мк проф. д-р Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки, политички и правни истражувања прик УКИМ.

.

Зачлени се на нашиот е-билтен