Најчевска во „Интеркултура“: Корупцијата е озаконета

Најчевска: Корупцијата е озаконета
Најчевска: Корупцијата е озаконета

Во шорткастот „Интеркултура“, Роберт Алаѓозовски разговара со д-р Мирјана Најчевска, професорка по правни науки и долгогодишна експертка и активистка за човекови права. Тие се осврнаа на остварување на правдата за трагедијата во Кочани, корупцијата во владата на Христијан Мицкоски, предизборните манипулации со пензионерите, родовата еднаквост воочи локалните избори, правичната застапеност, навредливиот говор и санкционирањето на говорот на омраза, како и на глобалното назадување во демократските процеси.

Според Најчевска, разбирливо е што премиерот Мицкоски неодамна изјави дека во земјата откога се тие на власт нема корупција, заради неговото поимање на тоа што е корупција.

„Кога криминалот ќе го легализираш, кога корупцијата ќе ти стане нормалност, нема корупција, нема криминал, туку постојат само легално дозволени активности… Овдека рекетот е озаконет, корупцијата е озаконета, затоа нема корупција“, децидна е Најчевска.

Според неа, манипулација е и покачувањето на пензиите. „Има покачување од 1000 денари, коешто е противуставно и противзаконско, меѓутоа е повторно легализирано со промена на законската регулатива. Значи, станува збор едноставно за кражба, кражба од пензискиот фонд, кражба од општествените средства, која што е озаконета. И, тоа е начинот на којшто почнува да делува секоја власт, а посебно власта на ДПМНЕ“, објаснува Најчевска.

Најчевска вели дека сите пензионери губат со овој начин на наводно покачување на пензиите. „Меѓутоа, многу е лесно да се манипулира со луѓето кои што немаат, многу е лесно да се манипулира со една таква ранлива група како што се пензионерите, коишто се водат по народната: поарно врапче во раце отколку гулаб на гранка“, смета таа.

За неа, појавувањето на неколку жени во трката за градоначалници е симболична. „Родовата дискриминација останува најголема дискриминација којашто постои во нашето општество и ова само создавање на привид дека жените рамноправно учествуваат во изборниот процес. Апсолутно, жените треба да бидат според мене во моментот минимум 50% од кандидатите за да можеме да зборуваме за реална промена“, нагласи Најчевска.

Таа ја посочи разликата помеѓу говор на омраза, за кој јавните личности и политичарите треба да сносат одговорност и говорот на навреда. Иако не го прифаќа и го смета за лош говорот што содржи навреди, го употребува кога има чувство за немоќ поради неказнивоста на политичарите што употребуваат говор на омраза и руинираноста на правниот систем.

„Јас го употребувам говорот на навреда тогаш кога чувствувам немоќ заради тоа што ја гледам неказнивоста на политичарите, функционерите и сите оние коишто редовно употребуваат говор на образа, а не одговараат за тоа, и немаме ние како луѓе, како обични граѓани, никаков начин да се спротивставиме односно да ја истераме правдината заради руинираноста на правниот систем. Во моментот кога правосудниот систем ќе почне да функционира на начин кој што ќе го санкционира говорот на омраза, мислам дека ќе почне да се намалува и говорот на навреда“, рече Најчевска.

Според неа, светот е во назадна линија, а пробивот на радикално десните сили „јасно зборува за назадување на демократските процеси на светско ниво, а ние како мала држава сме само лакмус, само показател на сето оно негативно што се случува во светот“. Најчевска е децидна дека Македонија како држава треба да ги имплементира европските вредности, а дали ќе влеземе во ЕУ или не, според неа, е од второстепено значење. „Она што е важно е ние да почнеме да напредуваме на индивидуален план. Во моментот, ние назадуваме“, оцени Најчевска.

Погледајте и слушнете повеќе за овие теми во видео шорткастот „Интеркултура“.

Зачлени се на нашиот е-билтен