Од 1 јануари, цената на електричната енергија за домаќинствата ќе се зголеми во просек за 0,92%, објави Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Најмало поскапување има за првиот блок – 0,68%, вториот блок ќе плати 0,9% повеќе, додека најголемите корисници од третиот и четвртиот блок ќе се соочат со зголемувања од 1,93% и 2,24%, соодветно. Евтината тарифа, исто така, ќе поскапи за 0,9%.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, истакна дека доколку се прифатело барањето на ЕВН Хоум, зголемувањето би било 4,4%.
„Просечно домаќинство со сметка од 2.300 денари ќе плати 21 денар повеќе, односно новата сметка ќе изнесува 2.321 денар,“ рече Бислимоски.
Според него, намалувањето на мрежарината, особено во делот на дистрибуција, овозможило пониско поскапување, и покрај зголемувањето на цената од ЕСМ на 62 евра за мегават час.
Цените по блокови:
Прв блок: 6,58 денари за киловат-час (претходно 6,53)
Втор блок: 7,71 денари (претходно 7,64)
Трет блок: 9,57 денари (претходно 9,39)
Четврт блок: 20,4 денари (претходно 20)
Бислимоски информира дека акумулираниот долг на универзалниот снабдувач изнесува околу 870 милиони денари, а враќањето ќе се реализира постепено во следните години, без да се зголеми товарот врз потрошувачите.