Наместо да си ги исполни законските обврски, Владата, од партиската говорница не престанува да упатува ниски удари кон синдикалните лидери на ССМ.
Во најновото партиско обраќање, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, кој инаку е на одмор, за ССМ и за лидерот на сојузот Слободат Трендафилов тврди дека ги лажат работниците за минималец, додека генералниот секретар на УПОЗ зема 80.000 денари плата.
За синдикалците Петрушевски вели дека се „на батерии, кои го лажат народот и работниците, затоа што треба да одработат за СДС, кои ги поставија на овие позиции спротивно на сите прописи“.
Оваа серија панични реакции на Владата, преку ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа откако ССМ соопшти дека на 2 април ќе одржат протест на улиците во Скопје како одговор на одлуката на да ја зголеми минималната плата само за 1.800 денари во нето износ.
За ССМ, оваа одлука е донесена без учество на синдикатите и на работодавачите и според тоа, таа е незаконска.
-ССМ излегува на улица на 2-ри април, онака како што ветивме пред еден месец. Часот кога ќе почне јавната седница на органите и телата на ССМ, вклучително и синдикатите здружени во ССМ, е 12:05, имајќи во предвид дека 5 до 12 одамна помина, а 12 часот помина тогаш, кога Владата одлучи еднострано да усвојува информација, и со информација да утврдува износ на минимална плата на штета на работниците во Македонија, не прифаќајќи ги нивните предлози за утврдување на висината на износот на минималната плата, рече Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот за синдикатите на Македонија (ССМ).
На последната прес конференција тој обвини за нападите кон синдикатите здружени во ССМ и кон Сојузот на синдикатите на Македонија од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
– Се засилија нападите како од политичка партија така и од политички поставени директори кои примаат плата од нашите плати, кои ги плаќаме како даноци во државата, не ги плаќаме за да ги минираат процесите за да ги намалуваат платите и за да не ги остваруваат барањата и заложбите на работниците, не ги плаќаме за жестоко да се борат со закани, со уцени за отказ од работни места, за намалување на плата, за суспендирање на наши синдикални активисти, со една цел да направат друг Синдикат репрезентативен на штета на работниците, рече Трендафилов.