Ако Македонија ги почнеше пристапните преговори со ЕУ, тоа многу веројатно ќе ѝ донесеше значителна финансиска поддршка за изградба на пругата на Коридорот 10, особено ако проектот е дел од Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), како што тој навистина е. Сега Наместо европска пруга со ЕУ грантови, ќе добиеме британски скапа.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
„Стратешкото партнество со Обединетото Кралство ќе го плаќаат нашите деца“, вели Фатмир Битиќи, поранешен вицепремиер во Владата на СДСМ, и очигледно е во право.
Ако Македонија ги почнеше пристапните преговори со ЕУ, тоа многу веројатно ќе ѝ донесеше значителна финансиска поддршка за изградба на пругата на Коридорот 10, особено ако проектот е дел од Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), како што тој навистина е. Сега наместо европска пруга со ЕУ грантови, ќе добиеме британски скапа.
Македонија веќе користи средства од IPA фондовите, но со почеток на поглавјата, земјата добива приоритетен статус и повеќе средства, особено за инфраструктура, а пред се во транспорт и енергетика, потоа во зелена и дигитална транзиција, и поврзување со ЕУ пазарот.
Ова по кој знае кој пат го повторуваат сите економски експерти без разлика на партиската припадност, а осбоено го нагласуваше СДСМ, поради што беше и сеуште е приоритет во нивната економска-политичка агенда.
Неодмна лидерот Филипче, а вчера и поранешниот вицепремиер за економија Фатмир Битиќи потсети:
„Од ИПА веќе ни доаѓаат 600 милиони евра и 700 милиони од планот за раст, што заедно прават 1,3 милијарди. Разликата со европските пари е што тие се неповратни, додека со овој кредит ги задолжуваш своите деца. Кога добивате пари од ЕУ најголемиот дел се неповратни средства, а овој заем не е зборува за неповратни средства. Ако одлучевме да продолжиме по европскиот пат, времето и сумата што ќе ги добиевме од т.н. кохезиони средства или структурните фондови, се далеку поголеми од било кој договор за иста намена, и временски исто бргу како и овој кредит, зашто и сега ќе треба најмалку една година до година ипол да се спремат сите работи зашто нема проект“.
И Битиќи е во право.
WBIF – Western Balkans Investment Framework е главниот инструмент преку кој ЕУ ги поддржува капитални проекти во Западен Балкан. Тој вклучува грантови т.е. неповратни средства до 40–50% од вредноста на проектот, и поволни заеми преку Европска инвестициска банка (ЕИБ) и Европска банка за обнова и развој (ЕБОР).
Србија, на пример, има добиено безмалку 600 милиони евра грантови за пругата Белград–Ниш–Прешево, што е исто така дел од Трансеврпската транспортна мрежа (TEN-T).
Покрај ова постои и посебна компонента наречена Connecting Europe Facility (CEF). Овој фонд на ЕУ има посебна алокација за Западен Балкан, и се фокусира токму на проекти од TEN-T мрежата. За добивање средства, услов е земјата да е во преговори, да има конкретна проектна документација, и да има доказ за стратешка важност, што Коридорот 10 го има.
Така, Македонија би ја намалила зависноста од комерцијални или геополитички ризични кредити, како тој од Велика Британија, и ќе добиеше европска траса со европски пари и европски надзор.
Економската оправданост на заем од 6 милијарди евра изгледа сомнително, ако само околу 1,8 милијарди евра (или околу 30%) се инвестираат во железницата, која е единствена со директен потенцијал за генерирање приходи и економска додадена вредност.
Имено, Коридорот 10 од Табановце до Гевгелија е клучна европска железничка артерија. Од тој аспеккт брза и модерна железница може да привлече товарен и патнички сообраќај од целиот Балкан со што би се оствариле постојани приходи од патарини, логистика, терминали, царини и такси. Со тоа ќе се зголеми извозниот и економскиот ефект што значи и раст на Бруто домашниот производ.
Но, ако две третини од заемот одат во проекти што не генерираат приход, тогаш државата нема со што да ги враќа заемите директно, освен преку зголемување на даноци или нови задолжувања, или како што забележа лидерот на СДСМ Венко Филипче, го зголемува долгорочниот ризик од „долговна стагнација“ – кога имаш долг, нема раст.
Втора забелешка што паѓа во очи е споредбата со претходни анализи за цената на чинење на пругата.
Своевремено и додека СДСМ беше на власт се правеа пресметки колку нова пруга на коридорот 10 би чинела и тие проценки се движеа околу 2 до 2,5 милиради евра.
И сега постојат одредени меѓународни проценки дека целосно нова, модерна и двонасочна железничка траса на Коридорот 10 (Табановце–Гевгелија), изградена според европски стандарди за брза железница, би можела да чини најмалку 2 милијарди евра, па дури и до 2,5 милијарди евра, во зависност од должина и теренска конфигурација.
За вклучување во Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), треба да се исполнат технички стандарди што ја зголемуваат цената (ширина, радиус на кривини, товарен капацитет, итн.).
За Македонија тоа би значело 215 км е должината на трасата, помножено со 10 милиони евра по километар би чинело 2,15 милијарди евра (минимум) за модерна, нова брза железница.
Што значи ова? Ако владата најавува дека за железницата ќе се издвојат околу 1,7–1,9 милијарди евра, тоа може да значи дека не е целосна нова траса, туку делумна реконструкција на постојната или фаза 1 од комплетниот проект. Но остава простор за сомнеж дека може да вклучува „политички“ износ во јавната презентација, додека реалните градежни проценки се повисоки. Целосно нова железница на Коридорот 10 реално чини повеќе од 2 милијарди евра.
Ако Владата тврди дека ќе ја изгради со помал буџет, потребни се транспарентни анализи за тоа што всушност ќе се гради- комплетно нова траса или реконструкција на постојната.