Наместо веднаш да бегаат, некои снимале со телефоните, велат кочанските пожарникари

Интервенцијата на кочанските пожарникари во гаснењето на пожарот и спасувањето на младите лица од дискотеката „Пулс“ беше пожртвувана и храбра, но трагичните последици од огнената стихија и денес оставаат длабоки траги. Десетина дена по настанот, припадниците на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Кочани сè уште се под впечаток на драмата што ја доживеаја.

„Сме се соочувале со многу пожари, но ова беше нешто што не се заборава. Беше трка со времето, со огнот, со стравот и хаосот што владееше. Направивме сè што можевме за да спасиме што повеќе животи“, изјави командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов, кој поради вдишување отровен чад и телесни повреди беше хоспитализиран на Клиниката за токсикологија во Скопје. Според последните информации, тој закрепнува и се очекува следната недела да биде пуштен на домашно лекување.

Во пожарот тројца пожарникари се здобија со изгореници и проблеми со дишните патишта. Двајца од нив поминаа со полесни повреди, но командирот Апостолов заврши во болница поради сериозните последици од токсичниот чад.

Борба со огнот, но и со системските слабости

Иако ТППЕ – Кочани се соочува со недостаток на кадар и застарена опрема, пожарникарите, заедно со колегите од Доброволното противпожарно друштво (ДПД) – Кочани и противпожарните единици од Виница, Штип, Пробиштип и Свети Николе, максимално се вложија за да спречат уште поголема трагедија.

„Работиме со половина од потребниот број пожарникари. Наместо 33, во единицата има само 16 лица. Возниот парк е стар, а опремата е набавена претежно преку донации. Се снаоѓаме како знаеме, но веќе станува неодржливо. Еден пожарникар во просек извршува работа на две лица, а просечната старост на екипата е 48 години“, предупредува Апостолов.

Општина Кочани има договор со соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево за финансиска поддршка на пожарникарската служба, но тој никогаш не бил целосно испочитуван. Годишната блок-дотација од Министерството за внатрешни работи изнесува 10,5 милиони денари, што едвај ги покрива платите и основните трошоци.

Неподготвеноста на населението – дополнителен ризик

Освен системските слабости, противпожарните експерти предупредуваат на ниското ниво на свесност и подготвеност на граѓаните при вакви ситуации.

„На снимките од пожарот се гледа како присутните во дискотеката користат несоодветен апарат за гасење – наменет за електрични уреди, а не за пожари од овој тип. Доколку беше употребен правилен апарат, барем ќе се забавеше ширењето на огнот и ќе имаше повеќе време за евакуација“, вели Златко Илијев, претседател на Доброволното противпожарно друштво – Кочани.

Тој додава дека во првите моменти од пожарот, многумина не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата. „Наместо веднаш да бегаат, некои снимале со телефоните. Ова е показател дека во иднина треба сериозно да се работи на едукација за противпожарна заштита“, истакнува Илијев.

Лични трагедии во редовите на пожарникарите

Освен што се бореа со пламенот, некои од пожарникарите истовремено ги губеа своите најблиски. Тажен е примерот на брачниот пар Антови, кои се дел од Доброволното противпожарно друштво, а во пожарот ја изгубија својата единствена ќерка.

Храброста на пожарникарите доби признание и од претседателката Гордана Силјановска Давкова, која лично ги посети припадниците на ТППЕ – Кочани и им се заблагодари за нивната посветеност.

Во меѓувреме, противпожарната единица продолжува со своите редовни активности. Од почетокот на годината досега, кочанските пожарникари имале 58 интервенции, вклучително гасење шумски и полски пожари, пожари на објекти и асистенции во сообраќајни несреќи, од кои две завршиле со човечки жртви.

Сепак, по оваа трагедија, останува прашањето: ќе се преземат ли конечно конкретни чекори за подобрување на условите за работа на пожарникарите?

Зачлени се на нашиот е-билтен