Тројца мажи се осомничени дека со насилство нападнале вработен во казино во Драчево, откако не дозволил малолетник да влезе во објектот. Инцидентот се случил на 30 април, а Обвинителството денеска соопшти дека поведува постапка против сите инволвирани – тројца возрасни и еден 17-годишник.
Според обвинителството, се започнало кога тинејџерот се обидел да влезе во казиното, но бил спречен од вработениот бидејќи е малолетен. Наместо да се откаже, младиот човек телефонски ги повикал тројцата мажи – на возраст од 35, 43 и 50 години – кои пристигнале со две возила пред казиното.
Според сведочењето, прво му се заканувале на вработениот дека ќе го запалат објектот ако не го пушти тинејџерот да влезе. Кога тој одбил, групата го опколила и физички го нападнала – го удирале со тупаници, а еден од нив дури извадил дрвена мотка од автомобилот и се заканувал дека ќе продолжи да го тепа.
Нападот завршил кога случајни минувачи интервенирале и ги спречиле насилниците да продолжат. Вработениот добил телесни повреди, а инцидентот предизвикал чувство на страв и несигурност кај него и кај сведоците, велат од обвинителството.
Обвинителството бара од судот да им одреди мерки на претпазливост: забрана за напуштање на местото на живеење, редовно јавување кај службено лице и одземање на пасошите.