Синоќа, 11 декември, нешто пред полноќ во редакцијата на интернет порталот Инфомакс и студиото на емисијата „Тешки муабети“ засега непознато лице за полицијата упаднало, ги нападнало членовите на редакцијата и уништувал имот. Главниот уредник Александар Митовски објави дека непознато лице упаднало, навредувало, се заканувало, додека полицијата интервенирала.
Александар Митовски изјави дека целиот настан, вклучувајќи го упадот и насилството, е снимен и детално документиран. Митовски го опиша напаѓачот како „партиска будала“ и најави правна разрешница на случајот.
По нападот, следеа реакции од колеги новинари, политичари и граѓани. Борјан Јовановски и Амар Мециновиќ јавно го осудија инцидентот. Некои од реакциите го поврзаа нападот со претходни закани и повици за насилство, а Мециновиќ го оквалификува како „политичко насилство“ поттикнато од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Овој инцидент не е изолиран. Инфомакс е познат како остар критичар на власта, особено во врска со трагедијата во Кочани. Во март и јуни 2025 година, Александар Митовски беше цел на „координирана онлајн кампања на вознемирување и дискредитација“, која Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ја осуди.
Претходните закани кон редакцијата на Инфомакс, кои датираат од поодамна, според некои реакции, почнале да се реализираат со овој физички напад. И покрај инцидентот, Александар Митовски најави дека редовната програма на Инфомакс ќе продолжи по завршувањето на полициските процедури.