Проблемот со употребата на дроги кај децата во Северна Македонија станува сè позагрижувачки, покажува Анализата за состојбата и третманот на деца кои користат дроги и други психотропни супстанци во Северна Македонија изработена од Народниот правобранител. Според анализата, системот за превенција, рано откривање, третман и рехабилитација на овие деца е недоволно развиен, а институционалните капацитети остануваат ограничени.
- Третманот на деца корисници на дрога и натаму претставува сериозен предизвик со оглед дека препорачавме специфични програми во здравствените институции кои сѐ уште не се изработени, рече Васка Бајрамовска Мустафа, заменик народниот правобранител на денешната презентација на анализата.
Согласно податоците од анализата, таа информираше дека се намалува долната граница на деца кои нудат и употребуваат дроги, а оваа појава станува сѐ поголем проблем и бара итен и координиран одговор од институциите. Согласно податоците од Министерството за внатрешни работи, Меѓуопштинските центри и граѓанските организации, информираше дека децата најчесто користат халуциногени и стимулативни дроги, како и марихуана.
Бајрамовска го потенцираше фактот што меѓуопштинските центри за социјална работа одговориле дека нивните стручни тимови не се специјализирани за работа со деца корисници на дрога.
- Од 21 Меѓуопштински центар за социјална работа кои одговориле дека имаат стручни тимови за работа со деца во ризик, под кои спаѓаат и децата корисници на дрога, сите изјавиле дека тимот не е специјализиран за деца корисници на дроги, информираше таа.
Најголемите предизвици кои се издвоени во анализата се тоа што во моментов, релевантните институции не го препознаваат доволно ризикот од употреба на дроги кај децата, што резултира со недоволна интервенција во критичните моменти.
Деца корисници на дроги
Стручните лица во здравствените и социјалните установи немаат потребна обука и знаење за работа со оваа ранлива група, а воедно недостигаат соодветни просторни капацитети и технички ресурси за ефективно лекување и грижа.
Дополнително, нема развиени програми за рехабилитација и ресоцијализација, со што децата кои употребуваат дроги остануваат без соодветна поддршка за нивно интегрирање во општеството. Советувалиштата и дневните центри, кои би можеле да играат клучна улога во нивната поддршка, се недоволно развиени и застапени и на локално и на национално ниво.
Институциите истовремено се соочуваат со сериозни проблеми во координацијата, што резултира со неусогласени пристапи кон третманот, различни методологии за евиденција и недостиг на унифицирани процедури.
Недостигот на јасни регулативи дополнително ја отежнува работата на институциите, а ограничената вклученост на граѓанските организации во создавањето на политики ја намалува ефикасноста на мерките за заштита.
Народниот правобранител препорачува развивање на специјализирани програми за третман, рехабилитација и ресоцијализација, како и подобрување на координацијата меѓу институциите за интегриран пристап во третманот.
Оттаму велат дека е потребно да се воспостави централизирана база на податоци за евиденција и следење на состојбата со цел да се подобри планирањето на превентивни мерки и политики.
Дополнуваат дека зголемувањето на ресурсите и кадарот во здравствените и социјалните установи е клучно за обезбедување квалитетна грижа, а поголемата вклученост на граѓанските организации би придонела кон развивање на поефикасен и одржлив систем за заштита на овие деца.
Бајрамовска потенцираше дека препораките од анализата ќе ги достават до надлежните министерства и сите клучни чинители, со цел да започнат со преземање на мерки и дополни дека ќе го следат нивното имплементирање.