Народна банка: Во тек е конкурсот за годишната награда за млади истражувачи

Народната банка ги информира младите истражувачи дека е отворен Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2026 година. Целта на наградата е да го поттикне развојот на научната мисла, да охрабри изработка на квалитетни истражувачки трудови и да придонесе кон афирмација на млади стручни кадри во овие области.

Право на учество имаат државјани на Република Северна Македонија до 35-годишна возраст. Истражувачките трудови треба да содржат анализа поврзана со македонската економија и да не бидат подолги од 80.000 карактери, следејќи стандардна научна структура. На конкурсот може да се пријават и трудови што се веќе објавени, но само доколку се публикувани по 1 јануари 2024 година.

Пријавувањето се врши електронски, на адресата: konkurs@nbrm.mk. Трудовите се поднесуваат во ворд-формат и треба да бидат означени со назнака „За Годишната награда на Народната банка“. Заедно со трудот, авторите доставуваат и кратка биографија. Од Народната банка нагласуваат дека сите пристигнати материјали ќе бидат третирани како доверливи.

Секој автор може да конкурира само со еден труд, подготвен на македонски, албански или англиски јазик. Трудовите ќе бидат оценувани според повеќе критериуми: релевантност на темата, квалитет на анализата, методологија и јасност на заклучоците.

Крајниот рок за поднесување на трудовите е 1 февруари 2026 година. Годишната награда за прворангираниот труд изнесува 130.000 денари, а за второрангираниот 65.000 денари.

Целосниот конкурс е објавен на веб-страницата на Народната банка, на следната врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-soopstenie-17062025-2.nspx.

Зачлени се на нашиот е-билтен