Изборот на Трајко Славески за нов гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија претставува сериозен преседан кој ја отвора вратата за партизација на една од најважните независни институции во државата.
Славески не е неутрален технократ, туку отворен и активен член на ВМРО-ДПМНЕ. Беше министер за финансии во владата на Никола Груевски (2006–2009), претседател на Советот на Град Скопје (2021–2025), член на Извршниот комитет на партијата, и еден од главните економски советници на Мицкоски.
Според економските експерти неговата политичка лојалност претставува ризик за институционалната автономија на Народната банка, која според Уставот и Законот е должна да функционира самостојно и надвор од партиски или извршни влијанија. Особено загрижува што Славески доаѓа во момент кога неофицијално се заговара фронт профитот на централната банка да се префрла во буџетот – нешто што директно може да влијае врз нејзината улога како чувар на ценовната и финансиска стабилност.
Монетарна политика под партиски диктат?
Воведувањето на гувернер кој е дел од владејачката партиска структура може да резултира со подредување на монетарната политика на краткорочните фискални и политички потреби на извршната власт. Такво сценарио би можело да доведе до:
-Популистички намалувања на каматните стапки без економски основ,
-Финансирање на буџетски дефицит преку централната банка (т.н. фискална доминација),
-Намалување на отпорот кон девалвација на денарот,
-Загрозување на довербата кај инвеститорите и кредитните агенции.
Контроверзно минато и ставови спротивни на интересите на работниците
Во своето досегашно јавно делување, Славески се позиционирал како противник на социјалните економски мерки. Тој јавно се противеше на зголемувањето на минималната плата, ја омаловажуваше потребата од прецизна пресметка на синдикалната кошничка, предлагаше таа да се калкулира за тричлено, а не четиричлено семејство, изјавуваше дека пазарот сам ќе ја регулира социјалната (не)еднаквост.
Дополнително, беше критикуван од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за дискриминаторски и расистички изјави кон Ромите и странските работници, што е неспоиво со вредностите кои треба да ги штити една институција како централна банка – рамноправност, инклузивност и стабилност.
Како министер за финансии, Славески беше дел од економскиот модел на ВМРО-ДПМНЕ кој се потпираше на агресивно задолжување и популистички проекти. Во тој период, Македонија влезе во долгорочни обврски, без соодветна фискална одржливост. Иако инфлацијата беше ниска, тоа се должеше повеќе на глобални фактори отколку на системско работење.
Иако меѓународните финансиски институции сè уште официјално не се произнесени, потенцијалот за политички влијанија врз Народната банка може да го наруши кредибилитетот на земјата пред ММФ, Светска банка и кредитните агенции. Странските инвеститори внимаваат на институционалната стабилност – а ако се перципира дека централната банка станува продолжена рака на владата, довербата ќе опадне, каматните стапки ќе пораснат, а ризикот за девизниот курс ќе се зголеми.
Секој обид за користење на Народната банка како инструмент за партиски цели ќе значи поткопување на нејзината улога како независен регулатор. Историјата покажува дека таму каде што централните банки стануваат „политички банкомати“, следува инфлација, нестабилност и пад на довербата – нешто што Македонија не може да си го дозволи.
Соња Танеска