Нови сериозни сомнежи го продлабочуваат скандалот околу јазичниот сертификат на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски. Според последното истражување на БИРН, увидот во документацијата поврзана со TOEFL сертификатот на Христовски открива низа противречности и можни нерегуларности.
Според наодите, Христовски полагал од дома, иако во претходни јавни настапи тврдеше дека испитот го положил во јазичното студио „Јулија“ во Пловдив. Дополнително, испитните делови „читање“, „слушање“ и „пишување“ биле полагани на 22 март 2022 година, додека „говорење“ – пет дена порано. Таквиот распоред директно противречи на правилата на ETS, институцијата што го издава сертификатот, каде тестот се полага во еден ден, без прекини.
Исто така, самиот документ покажува дека сертификатот важи до март 2024 година, а Христовски беше именуван за директор седум месеци подоцна – во октомври 2024. Тоа отвора прашање за валидноста на документот приложен во моментот на неговото именување.
Посочена е уште една недоследност – кодот на тест-центарот на сертификатот е од Софија, а не од Пловдив, како што самиот Христовски тврдеше. Центарот воопшто не е поврзан со споменатото студио „Јулија“. Дополнително, документот кој го покажува резултатот е само печатена верзија достапна на кандидатот, без официјална заверка од ETS.
СДСМ реагира остро, оценувајќи дека станува збор за скандал со политички и институционални димензии. Според нив, случајот укажува на обид за прикривање преку селективно дејствување на обвинителството, особено на обвинителот Владимир Милошевски.
Од таму бараат:
- Отворање на нова, независна истрага за случајот;
- Активирање на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција;
- Официјално обраќање до ETS за потврда на автентичноста и условите под кои бил полаган тестот.
„Овој случај не е само административен, туку тест за владеењето на правото и почитувањето на процедурите. Обвинителството мора да покаже дека не постојат недопирливи“, порачаа од партијата.
СДСМ повикува на одговорност и транспарентност, оценувајќи дека јавноста има право да ја знае вистината, а институциите мора да бидат ослободени од политички притисоци.