Десет пациенти повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во моментов се лекуваат на Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје. Според директорот на Клиниката, Небојша Настов, шест од нив веќе се подложени на трансплантација на кожа поради сериозноста на изгорениците.
Настов истакна дека овие шест пациенти имаат изгореници од трет степен, додека кај останатите продолжува редовното медицинско третирање. Очекувањата се дека во текот на следната недела некои од нив ќе бидат пуштени на домашно лекување, но предупреди дека ситуацијата е динамична и може да се промени во секој момент.
„Во однос на актуелната здравствена состојба на пациентите од болницата од која што доаѓам, а тоа е Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје, во моментов се хоспитализирани 10 пациенти, од кои на шест е веќе направена трансплантација на кожа заради тоа што тие беа пациенти со највисок степен на изгореници, односно трет степен. Кај останатите пациенти продолжуваат редовните преврски и веќе во текот на наредната недела според плановите кои што ги имаме, иако морам да повторам дека ситуацијата е многу флуидна и може да се смени од час во час, се планираат првите испусти за дома“, изјави Настов.
Што се однесува до пациентите кои се лекуваат во странство, тој објасни дека нивната терапија ќе продолжи во тие земји сè до одредена фаза, по што ќе треба да се вратат во Македонија и повторно да бидат примени во болничките капацитети. За тоа, како што рече, се подготвуваат протоколи и координации за нивното враќање, што ќе зависи од динамиката на нивното испуштање од странските болници.
„Пациентите кои се лекуваат надвор од земјава до одредена фаза ќе се лекуваат во странските држави кои ни излегоа во пресрет, но во одредена фаза истите тие ќе дојде време кога ќе треба да се вратат во нашата држава и кога ќе треба повторно да бидат сместени во болниците, односно во сите хоспитални капацитети во државата. За таа цел, се прават протоколи и координации меѓу Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и Службата за општи и заеднички работи на Владата во која координација ќе оди враќањето на пациентите во зависност од темпото со кое ќе бидат испишувани од болничките установи од странство“, изјави Настов.
На прашање за состојбата на шесте пациенти кои се лекуваат во странство и се во критична здравствена состојба, Настов истакна дека повеќе информации ќе бидат достапни по состанокот на Кризниот штаб. Тој објасни дека болниците во странство даваат дневни извештаи за состојбата на пациентите, а најновите информации се очекуваат попладнево.