Скопје утринава се најде на осмото место на листата на најзагадени градови во светот според индексот на загаденост, кој изнесува 154, според податоците на платформата „Ај-Кју-Ер“.
Главен извор на загадување се ПМ 2,5 честичките, чие ниво е 60,2 микрограми на кубен метар, додека концентрацијата на ПМ 10 честички изнесува 73,2 микрограми на кубен метар. Овие вредности се далеку над препорачаните годишни граници на Светската здравствена организација, при што концентрацијата на ПМ 2,5 е дури 12 пати повисока.
Најзагаден град утрово е Делхи, Индија, следен од Лахор, Пакистан, и Каиро, Египет. На Балканот, најблиску до Скопје е Сараево, кое се наоѓа две места подолу на листата.
Еко активистите предупредуваат на потребата од итни мерки за справување со аерозагадувањето, кое сериозно го загрозува здравјето на луѓето.