Неделата на циркуларна економија 2025 официјално ќе започне на 26 мај, обединувајќи низа интересни активности и настани организирани од партнерите на мрежата ЛогЕкс (LogEx) во сите земји на Западен Балкан. Овогодинешната тема е „Од локални решенија до регионално влијание“(From local fixes to regional impact).
Регионалната иницијатива на ЛогЕкс заедницата – формирана од Балкан Форум – има цел да го револуционизира пристапот на Западен Балкан кон одржлив развој, преку промовирање на практики на циркуларната економија. Со здружување на различни актери, вклучувајќи ја и академијата, граѓанските организации, медиумите, бизнисот и експертите, Неделата на циркуларна економија ја негува соработка и поттикнува значајни промени во регионот.
ЦИВИЛ и оваа година ќе спроведе богата програма за време на Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан. Под слоганот „Дај пет!“(Give me five!) aктивностите на Зелен ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ формирана во 2009 година) се фокусираат на јакнење на јавната свест, политичкиот дијалог и едукација за циркуларна економија.
Во текот на „Неделата на циркуларна економија“ медиумската платформа на ЦИВИЛ ќе понуди богата медиумска продукција со вклучување на засегнатите страни и презентација на најдобри практики за промовирање на бизнис модели во оваа економска област, како и политики и практики поврзани со петте основни принципи на циркуларната економија: Преиспитај, Отфрли, Намали, Употреби повторно и Рециклирај (на англиски, тоа се петте R: Rethink, Refuse, Reduce, Reuse, and Recyclе).
ЛогЕкс заедницата e формирана во декември 2021 година како партнерство за премостување на јазот меѓу високото образование и пазарот за вработување во Западен Балкан. Со фокусирање на градење на човечкиот капитал, зајакнување на циркуларната економија и поттикнување на одржлив развој, ЛогЕкс заедницата помага во создавање можности за развој во регионот заснован на зелените вредности, политики и практики.
ЛогЕкс (LogEx) се: The Balkan Forum (Косово), CIVIL / Green CIVIL (Северна Македонија), Build Green Group (Албанија), CENER 21, COD Jajce (Босна и Херцеговина), Universum International College (Косово), Zero Waste Montenegro (Црна Гора), YIHR (Србија)