По 16 години на чело на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков се повлекува од претседателската функција. На денешниот осми конгрес на синдикатот се избира ново раководство, а единствен кандидат за претседател е Стојко Рамов.
Изборот на новиот претседател треба да биде потврден со гласање на делегатите, со што ќе заврши долгогодишното раководење на Неделков со еден од најголемите синдикати во Македонија.
Пред почетокот на конгресот, Неделков направи осврт на досегашната работа, оценувајќи дека СОНК постигнал значајни резултати во подобрувањето на материјалната положба на вработените во образованието, науката и детската заштита.
Тој посочи дека синдикатот успеал да издејствува повисоки плати и во периоди на висока инфлација и економска неизвесност.
„Инфлацијата беше огромна, а ние имавме само пет проценти зголемување на плати. Значи тој праг ние го срушивме“, изјави Неделков.
Според неговите пресметки, во изминатиот мандатен период вкупното зголемување на платите во образованието и детската заштита надминало 70 проценти, додека во високото образование и научната дејност достигнало приближно 100 проценти.
Единствениот кандидат за негов наследник, Стојко Рамов, најави продолжување на синдикалните активности насочени кон подобрување на работните услови и заштита на правата на вработените.
Рамов како приоритети ги посочи социјалниот дијалог со Владата, ресорните министерства, локалната самоуправа и работодавачите, како и склучувањето нови колективни договори и почитувањето на стекнатите работнички права.
Неговата заложба е СОНК да продолжи со преговорите за подобрување на платите и работните услови во образованието, науката и културата.
Со денешниот конгрес се очекува синдикатот да добие ново раководство, додека официјалниот избор на претседателот ќе биде познат по гласањето на делегатите.

