Неизвесна судбината на независните граѓански иницијативи за локалните избори – правна празнина ја загрозува демократијата

Нема јасен одговор дали независните граѓански иницијативи ќе можат да учествуваат на претстојните локални избори во октомври. По одлуката на Уставниот суд со која се укинаа членовите 17 и 18 од Изборниот законик, остана правна празнина што го доведува во прашање уставно загарантираното право на граѓаните да бидат кандидирани и избрани.

Овие укинати членови беа донесени на 7 март 2024 година, со поддршка и од власта и од опозицијата, и со нив беше зголемен прагот за учество на независни листи – потребни потписи во висина од 1% од избирачкото тело по изборна единица.

„По укинувањето на спорните одредби, не се враќаат автоматски старите правила. Сега нема јасни услови под кои независните кандидати може да се кандидираат. Тоа е директно кршење на член 23 од Уставот. Вака не личиме на Северна Македонија, туку на Северна Кореја, каде независни кандидати не постојат“, изјави Јана Белчева од иницијативата „Шанса за Центар“.

Седум граѓански иницијативи денеска поднесоа барање до Собранието и Министерството за правда за итно пополнување на правната празнина. Потписници се „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Независни за Карпош“, „Поинаку“ од Битола, „Зелените“ од Гази Баба, „Подобро за Тетово“ и „Стига е“ од Струмица, Ново Село и Босилово.

Граѓанските иницијативи бараат итно да се формира работна група при Министерството за правда, во која ќе бидат вклучени и претставници на независните иницијативи, со цел да се изготват измени на Изборниот законик што ќе овозможат:

максимален праг од 50 потписи за независна листа,

собирање потписи и на терен, надвор од канцелариите на ДИК,

продолжување на рокот за собирање потписи на 30 дена,

целосно наведување на името на советничките листи на избирачкото ливче,

еднаков третман при редоследот на кандидатите на изборните листи преку ждрепка,

еднаков пристап до Избирачкиот список, медиумскиот простор и финансирањето на кампањата.

„Во моментот, сè зависи од толкувањето на законот од страна на Собранието и ДИК. Тие може едноставно да одбијат поднесоци на независни кандидати и со тоа да спречат нивно учество на изборите“, предупреди Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“.

Според него, Македонија мора да покаже демократски капацитети, а не да креира систем во кој независните се исклучени од изборниот процес.

Зачлени се на нашиот е-билтен