Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нема најава за присуство на бугарска делегација, Ковачевски повика Делчев да се чествува мирно и достоинствено

Владата не добила најава дека делегација од Бугарија ќе присуствува утре на одбележувањето 151 година од раѓањето на Гоце Делчев, соопшти премиерот Димитар Ковачевски кој апелираше чествувањето во црквата „Св.Спас“ да биде мирно и достоинствено и дека за тоа е задолжено Министерството за внатрешни работи.

„До овој момент од Кабинетот на премиерот на Бугарија јас немам најава за официјална бугарска делегација којашто би положила цвеќе. Исто така, кажа и министерот за внатрешни – секој оној кој е добронамерен, официјална државна институција кои сакаат да се поклонат на гробот на великанот на македонската национална борба тука, во Скопје, на достоинствен начин, слободно може да го најават своето учество. Сите оние коишто се недобронамерни, коишто се провокатори, коишто го негираат македонскиот народ, коишто ја негираат македонската држава, коишто ги нарушуваат чувствата на Македонците и на другите граѓани тие нема да влезат во државата“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на компанијата „Виталија“.

Посочи дека согласно со заклучоците од Советот за безбедност кај претседателот на државата и согласно со одлуките на Владата, МВР е задолжено да обезбеди мирно и достоинствено чествување на годишнината од раѓањето на, како што рече, најголемиот борец за независна македонска држава – Гоце Делчев.

„Согласно со тоа, согласно со закон и согласно со процедурите во МВР, министерот за внатрешни работи веќе во неколку наврати информираше дека МВР ќе ги преземе сите потребни мерки со цел овој настан да помине достоинствено и во најмирна атмосфера. Тоа значи дека ќе бидат спроведени сите процедури коишто се согласно закон и согласно процедурите во МВР да оние коишто ќе положат цвеќе преку своите пријавени делегации тоа да можат да го направат на најдостоинствен начин“, истакна претседателот на Владата.

Апелираше дека „сите треба да бидеме обединети, сите треба да бидеме горди и сите треба заедно да покажеме достојна почит на великанот на македонската револуционерна борба“ и дека „МВР и Владата тоа ќе го овозможат“.

„Исто така, сакам да апелирам сите оние здруженија, патриотски итн. коишто сакаат овој настан да го искористат за провокации, исто како што во минатиот период имавме провокации од поединци и од групи, само со цел да се нарушат односите и атмосферата во државата и односите со соседни држави, треба да се воздржат и да не користат вакви настани за да креираат несакани ефекти во нашето општество. Огромното мнозинство на нашите граѓани сака достоинствено и мирно чествување на роденденот на Гоце Делчев, и не смее и МВР нема да дозволи, поединци и вакви групи тоа да им го оневозможат на нашите граѓани’, порача Ковачевски.

Секој странски државјанин за кој, како што рече, МВР има информации од соодветните безбедносни служби дека е лице коешто со влезот во државата може да ја наруши националната безбедност, владеењето на правото, јавното здравје или меѓународните односи на државата, согласно со Законот за странци нема да биде пропуштен во државата.

„Тие одлуки се носат согласно Закон за странци, согласно информациите со коишто располага МВР, се носат на денот на настанот и во деновите пред настанот. Можете да видите дека МВР уште од вчерашниот ден ги презема потребните активности“, рече Ковачевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен