Економските очекувања за Северна Македонија предвидуваат умерен раст во наредните години, но стапките остануваат пониски од регионалниот просек. Според Светската банка, растот на бруто домашниот производ (БДП) за 2025 година се проектира на 2,9%, позиционирајќи ја земјата меѓу оние со најнизок раст во Западен Балкан.
Според есенските прогнози на Народната банка, БДП ќе порасне за 2,3% во 2024 година, додека инфлацијата, која изнесува 3,5%, се очекува да се намали на 2,5% во 2025 година. Овие показатели укажуваат на стабилизирање на цените, но и на потребата за засилени реформи и активности за забрзување на растот.
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) проценува раст на македонската економија од 2% за 2024 година, што е под регионалниот просек. Економистите сметаат дека структурните реформи и зголемените инвестиции се неопходни за подобрување на економските резултати.
Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт вели дека нема простор за оптимистички сценарија.
„Не можеме да очекуваме економски бум. Унгарскиот кредит од 500 милиони евра нема да донесе значајни промени. Македонија повеќепати се задолжувала за исти износи, а тоа никогаш не донело суштински напредок. Проблемите во економијата не лежат во недостаток на средства, туку во нивното управување. Заемот нема да донесе реална промена, а кај општините и натаму не е јасно кои проекти ќе се поддржат,“ изјави Јовановиќ за Рацин.мк.
Во врска со перспективите за раст на платите, инвестициите и животниот стандард, Јовановиќ додава дека очекувањата се скромни.
„2025 година ќе биде малку подобра од 2024, со раст од околу 3%. Ова е резултат на стабилизацијата на инфлацијата и падот на каматните стапки во Европа, што може да го поттикне извозот. Сепак, реалните плати би можеле да ослабат, што ќе ја намали домашната потрошувачка,“ предупредува тој.
Јовановиќ истакнува дека глобалните ризици, како трговските политики на Доналд Трамп и можните конфликти, можат да имаат сериозни последици. На домашен план, тој предупредува дека одбивањето на Владата да ја зголеми минималната плата би можело да доведе до пад на реалните приходи и забавување на економската активност.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов додава дека Владата треба да воведе системски промени, како зголемување на даноците за најпрофитабилните компании.
„Потребно е да се воведе прогресивен данок, каде што најпрофитабилните ќе плаќаат повеќе, а собраните средства ќе се насочат кон јавните потреби, како здравството и образованието,“ вели Узунов.
Во однос на мерки како „Новогодишната кошничка“, тој ги опишува како предизборни трикови.
„Најавите за мерки само ги покачуваат цените кај трговците. Владата симулира акција, но реално нема да има значителни ефекти. До изборите, ќе сведочиме на краткорочни мерки без значителни економски поместувања,“ заклучува Узунов.
Што ќе се случува во светот?
според налитичарите глобалната економија се соочува со предизвици кои ќе имаат длабоки ефекти врз политичката и економската сцена. Доналд Трамп ќе го започне својот втор претседателски мандат во јануари, што може да доведе до значителни промени во глобалната политика. Неговата стратегија, фокусирана на изолационизам и заштита на американските интереси, може да ги ослаби трговските договори, да ја наруши меѓународната соработка и да создаде нова неизвесност на глобално ниво.
Трамп веќе најави можни нови царини за Мексико, Канада и Кина, што може да предизвика трговски војни. Овие мерки би довеле до повисоки трошоци за производство, инфлација и недостиг на одредени производи, со посебно влијание врз американскиот пазар.
Засилените мерки против имиграцијата, како во САД така и во Европа, може да создадат проблеми на пазарите на труд. Намалувањето на работната сила ќе влијае на секторите како земјоделство и претприемништво, додека истовремено ќе се зголеми несигурноста на границите.
Со најавата на Трамп дека може брзо да ја заврши војната во Украина, се очекуваат промени во американската поддршка за Киев. Намалувањето на помошта би можело да ги натера украинските власти на преговори, а истовремено конфликтите на Блискиот Исток и во Азија продолжуваат да претставуваат закана за стабилноста.
Инвестициите во вештачка интелигенција (AI) ќе продолжат да го трансформираат бизнисот, но соочувањето со регулаторни и етички прашања останува предизвик. 2025 година ќе биде критична за интеграцијата на AI во глобалната економија, со потенцијал да донесе иновации, но и да создаде нови социјални и економски проблеми.
Соња Танеска