Пред точно 28 години беше извршен атентат на првиот македонски претседател Киро Глигоров кој тој го преживеа. Таа животозагрозувачка траума за него лично и за неговото семејство, остана траума и за македонското општество, уште повеќе и заради фактот што вистината за тоа што кој стои зад тој грозоморен чин остана неоткриена. Киро Глигоров почина од природна смрт на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје во длабока старост, на 94 години.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров (1917-2012), стапи на функција на 73 години. Кога беше избран за претседател зад себе имаше 50 години поминати на најодговорни функции во поранешната СФРЈ.
Го сметаа за историја што чекори, за жив споменик на цела епоха. Киро Глигоров ги поврза двата историски настани од македонската државност – АСНОМ 1944 и 8-ми Септември 1991 година.
Во животописот на Киро Глигоров е запишано дека е роден на 3 мај 1917 година во Штип во просечно македонско семејство. Татко му бил занаетчија, а неговата мајка домаќинка. Во 1936 година се запишал на Правниот факултет во Белград и во тие студентски години се вклучил во илегалното македонско друштво „Вардар“ каде станал негов секретар. Прв пат бил уапсен во 1939, а таа година и дипломирал.
На 6-ти април 1941 година кога Белград бил бомбардиран од страна на нацистичка Германија, Глигоров се вратил во Скопје и се вработил во „Вардар Банка“ како правник, а потоа и сам отворил адвокатска канцеларија. Адвокатската кариера траела кратко откако наклеветен како опасен „Србин“ по втор пат бил приведен како комунист. После ова апсење активно се вклучува во антифашистичкиот илегален отпор и ја започнал соработата со Кузман Јосифовски Питу. Во 1943 година Глигоров се оженил со Нада, со која има две ќерки и еден син.
Кариерата на Глигоров во поранешна Југославија
Како истакнат активист и функционер на Комунистичката партија ја продолжува својата кариера во сојузните инстотуции на поранешна Југославија во Белград.
Во периодот помеѓу 1945–1947 година, бил определен за помошник на генералниот секретар на Претседателството на Владата на Федеративна Народна Република Југославија, а потоа бил помошник-министер за финансии во перидот 1947–1952 година.
Следуваат и повеќе функции: помошник-претседател на Стопанскиот совет на Владата на Федеративна Народна Република Југославија (1952–1953), заменик-директор на Сојузниот завод за стопанско планирање (1953–1955), секретар за стопанство – координатор во Сојузната влада (1956), секретар на Секретаријатот на Сојузниот извршен совет (СИС), како што тогаш се нарекуваше Владата на Југославија, за општостопански работи и истовремено бил избран за член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија (1956–1962).
Од 1962 фо 1967 ја извршувал функцијата сојузен секретар за финансии, а по земјотресот во Скопје бил задолжен од СИС за изработка на програма за обновата на разурнатиот град, како и за спроведување на првите стопански реформи во 1965 година. Во периодот помеѓу 1967-1969 година ја извршувал должноста потпретседател на СИС, а потоа станал член Претседателството на ЦК на Сојузот на комунистите на Југославија и на Извршното биро, во периодот помеѓу 1969–1971 година. Од 1971 до 1972 година бил член на Претседателството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а во периодот помеѓу 1974 – 1978 година бил претседател на Собранието на СФРЈ.
Пред пензионирањето во периодот помеѓу 1978 – 1987 година бил член на Советот на Федерацијата. Во 1987 година се пензионирал, меѓутоа бил ангажиран во тимот за реферми на претседателот на СИС Анте Марковиќ.
Враќање во Македонија
По завршувањето на ангаржманите на Киро Глигоров во комисијата на Анте Марковиќ за реформи, на Денот на републиката, 29 ноември во Белград, покрај повеќето политички лидери од цела република, на таа церемонија присуствувале Глигоров и членот на Централниот Комитет на тогашниот Сојуз на комунистите на Македонија, Петар Гошев. Таму тој официјално го поканил на Глигоров да членува во неговата Комисија и Форум за спроведување на веќе започнатите реформи најавени во Македонија. Глигоров ја прифатил понудата, чија работа завршила безуспешно во целина поради недостаток на време.
Во тоа време веќе бил започнат процесот за воведување на повеќепартиски систем во Македонија.
Глигоров за достоинството: Најголемо достоинство на нашиот народ е што го сочува мирот, што не влезе во никаква војна, што не носи никаква вина за се она што се случи и што го згрозува целиот свет...
Претседател на Република Македонија
„Да бидеме свои на своето. Да бидеме широко отворени кон светот, како целосно независен, рамноправен и творечки субјект“, беше мотивациската определба на Киро Глигоров, кога во периодот од 1989 дисолуцијата, распаѓањето на Југославија и кога на просторите оваа поранешна федерација започнаа воени дејствија.
Во тоа време во Република Македонија се втемелуво партиски плурализам и се одржале првите повеќепартиски избори. Пред да биде составена експертската влада на Никола Кљусев, во Собранието на Република Македонија за прв претседател бил избран Киро Глигоров.
На првото тајно гласење, Киро Глигоров не ги доби потребното мнозинство од две третини од гласовите, откако поддршката за неговиот избор ја откажаа ВМРО-ДПМНЕ и ПДП. Тогаш, тој доби 60 од потребните 80 гласови за избор на претседател. Но, по само три дена, ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение дека ќе ја подржи кандидатурата на Глигоров само доколку за потпреседател и премиер на државата биде избран личност кој е член на нивната партија.
На 27 јануари 1991 година, на седницата на Собранието на Република Македонија, со 114 гласови “за“ , Киро Глигоров беше избран за прв претседател на Република Македонија.
Во почетокот на 1991 година започнува тоталното распаѓање на СФРЈ со избувнувањето на немирите на Косово, а подоцна и на Плитвичките Езера во Хрватска и Вуковар. Киро Глигоров е најзаслужен што Македонија беше единствена држава од поранешна СФРЈ која ја испрати ЈНА со потпишан договор, без ниеден испукан куршум и жртва. Од овој период останува изјавата на Глигоров којашто го одразува неговиот став за начинот на кој треба да се спроведе раздружувањето меѓу поранешните републики на Југославија.
„Колку тенкови или камиони на ЈНА вреди еден човечки живот? Нема да дозволам заради куп железо да ни гинат луѓе“, рече тогаш Глигоров.
Членството на ООН и спорот со Грција
По усвојувањето на новиот Устав на Република Македонија на 17 ноември, претседателот Глигоров веќе на 2 декември упатил писмо до шефовите на странските држави и влади со барање да ја признаат независноста на Република Македонија. На 7 април 1993 Република Македонија стана полноправна членка на ООН со привременото име Поранешна југословенска република Македонија, а претседателот Глигоров одржа говор на седницата на Генералното собрание на ООН.
Глигоров за правото на народот да се изјасни дали е за промени: Никој не може да му го оспори правото на народот да се изјасни дали е за промени. Од тоа демократско начело не треба никој да стравува. Не гледам кого би го загрозил референдумот.
На историскиот настан во ОН, веднаш по осамостојувањето и прогласувањето на независност на Македонија му претходеше спорот околу името на нашата држава со Грција која зазеде категоричен став дека нема да прифати меѓународно признавање со името Македонија за нашата земја која вклучува. За ова прашање, како и за знамето на Македонија кое тогаш беше она со симболот од Кутлеш/Вергина започнаа преговори во активно учество зеде и Киро Глигоров.
Преговорите беа прекинат престанаа, откако од Република Македонија, на чело со претседателот Глигоров, го одби предлогот државата да се вика „Централна Балканска Република“.
Во 1993 година, по изборите во Грција, оваа земја кон Македонија воведе економско ембарго, а Глигоров остро ги осуди овие постапки кон јужниот сосед, повикувајќи се во генералното собрание на ООН за изнаоѓање на решение. Подоцна, на 13 септември, беше склучена Времената спогодба за нормализација на односите со Грција.
Глигоров за односите со соседите и историјата: Ние со сите наши соседи сакаме да имаме добри, пријателски односи, да имаме што поотворени граници, и да се свртиме кон оние проблеми кои не обединуваат, кои бараат заемна соработка – економска, политичка, и друга… И да ја оставиме историјата на страна. На Балканот, за жал, многу се живее од историјата…
Во текот на октомври 1994 година во Република Македонија по прв пат се одржаа претседателски избори на кои Киро Глигоров, како кандидат за претседател од СДСМ, повторно беше избран за Претседател на Република Македонија, со освоени 52,4% од гласовите. Негов противкандидат бил познатиот македонски режисер Љубиша Георгиевски, како претседателски кандидат од ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската ВМРО ДПМНЕ не ги прифати резултатите од изборите.
Атентат врз претседателот Глигоров
На 3 октомври 1995 година, само една година по негвата победа на претседателските избори, за врз Глигоров беше извршен неуспешен обид за атентат. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Подоцна на повредите им подлегна и Ристо Хаџиманов, пензионер, кој беше случаен минувач покрај местото на настанот.
Атентатот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот “Бристол” во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција на работното место кое тогаш беше во Собранието.
Бомбата, поставена во автомобил АМИ 8, експлодирала кога автомобилот на претседателот минувал покрај неа. Од силината на експлозијата, ситроенот беше целосно распарчен, а делови од возилото се разлетале наоколу. Подоцна експертите тврдеа дека тој автомобил бил намерно избран за поставување на бомба, затоа што има тенок лим кој може од експлозијата да се распадне во повеќе смртоносни шрапнели. Од таков шрапнел смртносно беше погоден возачот на претседателот.
Нападот дојде по само еден ден откако во Скопје претстојувал претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ. На таа средба претседателите на двете земји постигнаа договор за меѓусебно признавање на двете земји.
Таа животозагрозувачка траума на него лично и за неговото семејство, остана траума и за македонското општество, уште повеќе и заради фактот што вистината за тоа што кој стои зад тој грозоморен чин остана неоткриена.
Ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров сѐ уште не се познати. Во 1995 година, по неколку месеци од атентатот, се прошири информацијата дека како еден од можните атентатори укажува на „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија.
Подоцна тогашниот министер за внатрешни работи како нарачатели ги посочил бугарската „Мултигруп“ или југословенската „КОС“, но за овие индиции никогаш не беа презентирани доволно цврсти докази.
Киро Глигоров официјално на функцијата претседател се врати на 10 јануари 1996 година.
Публицистичката дејност на Глигоров
По пензионирањето, Киро Глигоров бил активен како публицист. Неговите мемоари „Македонија е сѐ што имаме“, објавени во 2001 година и беа прогласени како бестселери кои многу бргу доживеаа и второ издание. Глигоров е основач и на фондацијата Глигоров што поддржува проекти од културата и уметноста.
Покрај „Македонија е сè што имаме“, Глигоров ги потпиша и „Атентат – ден потоа“ (2002), „Виорни времиња : Република Македонија реалност на Балканот“ (2004), „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006).
Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје во длабока старост, на 94 години. Погребот на првиот претседател на Република Македонија беше извршен на 3 јануари на градските гробишта Бутел во Скопје со граѓански погреб без државнички и црковни церемонии како негова желба. Последна почит му одадоа стотина луѓе. До ковчегот стоеле неговите најблиски, синот Владимир и ќерките Лилјана и Донка, како и членови од потесното семејство.