Во оваа тотална непредидливост во која ја туркаат иднината на државата, единствено предвидлив или извесен е нашата насока во двонасочната улица, а тоа е ставање на Бугарите во Уставот и еднаш за секогаш да ги решиме како малцинство во друга држава. Тоа се нашите национални интереси од највисок приоритет.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Ако се следат изјавите и интервјуата на премиерот Мицкоски и на МНР Тимчо Муцунски, ќе сфатите дека парадигмата по која се водат во надворешната политика е битката за предвидливост на европскиот пат на Македонија. При тоа се мисли на „гаранции“ што ние ги заслужуваме од Бугарија, онаква каква што е, дека ќе ни ги даде, дека нема да ни прави сопки во текот на преговорите, и со кои ќе не натера да кажеме дека Гоце не е наш!
Тоа го повтори по кој знае кој пат министерот Муцунски во интервју на ТВ Телма.
„Тука во делот на предизвиците кои ги имаме, да најдеме рационално решение што ќе ни гарантира дека по постигнувањето на компромисот нема после шест до девет месеци повторно да бидеме вратени на иста точка, каде сега Бугарија наместо уставните измени ќе ни рече прифатете дека Гоце Делчев е Бугарин, прифатете ја оваа реалност за македонскиот јазик. Ние мора да имаме предвидливост и во таа смисла изнаоѓањето на решение што на нас како држава ќе ни потврди една предвидливост на патот напред врз основа на оние реформи кои се реални и кои навистина се суштински аспект на евроинтеграцијата, ние на таков компромис сме подготвени да постигнеме, за таков компромис постојано разговараме“, рече тој.
При тоа на помош се повикуваат разни „чинители“, како што ги нарекуваат, а пред се: Европската Унија, од која очекуваат онака „задкулисно“, нели, типично- европски, да го испрати Орбан, големиот пријател, на уште едно кафе кога ќе се гласа за нас.
„Нема сила што ќе ме убеди дека Софија не може да биде убедена. Сигурен сум дека Софија може да биде убедена. Треба ЕУ и земјите членки заеднички со нас сите да го искористиме кредибилитетот што го имаме и да разговараме со Софија. Софија со нашиот пример прави историска грешка и убеден сум дека најголемиот дел од чинителите во Бугарија се свесни за тоа“, вели Муцунски.
Ако не ЕУ, тогаш САД, како наши стратешки партнери со некаква силина на „булдожер“ дипломатија да ја „притегнат“ соседна Бугарија, и сите бугарски национал-шовинисти во било која нејзина Влада, да ни „попуштат“ и да направат компромис- самите со себе.
Тоа значи да ги признаат Македонците во Бугарија, јавно да се откажат од Гоце и од сите „наши“ историски дејци и патриоти, да го признаат фашистичкото минато во „администрирањето“ со Македонија и ако може да ни платат репарации за злосторствата што ни ги направиле во втората светска војна, да се извинат за провокациите дека сме еден народ во две држави, дека се всушност Татари и т.н.
Тоа ли е т.н. „двонасочна улица“ како што ја замислуваат горенаведените први луѓе во Владата задолжени да најдат модус вивенди и Македонија (Северна) да стане про-Западна земја, односно членка на ЕУ?
За волја на вистината вака повеќе личи на ќорсокак одошто на булевар во две насоки. Тука нема ништо предвидливо од она што власта го заговара во процесот на барање решение за откочување на преговорите за членство во Унијата.
Потпирањето во дипломатијата само и единствено на надворешни „чинители“, не носи предвиливост, туку само неизвесност. Оттаму и во изјавите на надлежните има атрибути како што се „се надеваме„, „веруваме дека“, „очекуваме“ или „заслужуваме“.
Таква надворешна политика која во суштина е за внатрешна употреба не носи резултати. Таа тапка во место како што очигледно се случува изминативе осум месеци.
Целата активност на МНР е сведена на амбасадорско ниво во која пред „чинителите“ само се пренесуваат ставови од „централата“, без сопствена виртуозност и подготвеност за поголем исчекор во преговорите.
Во оваа тотална непредидливост во која ја туркаат иднината на државата, единствено предвидлив или извесен е нашата насока во двонасочната улица, а тоа е ставање на Бугарите во Уставот и еднаш за секогаш да ги решиме како малцинство во друга држава.
Тоа се нашите национални интереси од највисок приоритет.
Приказни за мали деца се тезите дека „Треба да се бориме, но и да бидеме свесни за нашите силни страни – стратешката позиција на нашата држава“, како што рече Муцунски во интервју во „Топ тема“ на телевизија Телма.
Како да не го слушнал ставот на еврокомесарката за проширување истиот ден, вчера, кога и настапи со овие ставови на ТВ Телма. Марта Кос рече:
„Нема да има геополитичко попуштање, проширувањето останува процес заснован на заслуги, нагласи Кос, додавајќи дека владеењето на правото и почитувањето на основните вредности се и ќе останат камен темелник на политиката на проширување.
Таа повтори дека Северна Македонија треба да покаже волја за промена на Уставот за да постигне напредок во процесот на пристапување кон ЕУ, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос на дебата со членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).
„Се надеваме дека Македонија ќе ја исполни обврската за промена на Уставот и тогаш, сигурна сум, дека штом ќе почнеме да се движиме со Северна Македонија, исто така, и со поддршка на Бугарија ќе можеме продолжиме на тој пат, изјави Кос и тоа во одговор на прашање на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на дебатата.
И, зарем стратешката позиција на нашата земја сега е поинаква од вчера???
Ништо од тоа. Нашата позиција е таква каква што е, од секогаш, и тоа сите надворешни „чинители“ го знаат и така и се однесуваат.
Но тоа е веројатно третата „позиција“ во надворешната политика што ја развива оваа власт,- да се превоспита ЕУ и да свати колку била нефер спрема нас со годините!
Затоа Муцунски ќе рече: „Европската Унија не може да си дозволи уште една грешка во однос на нашата интеграција“!
Не, грешки не смееме да правиме ние. Унијата може да прави грешки намерни и ненамерни колку што сака. Таа не е ЕДНА, туку БЛОК од држави кои имаат свои интереси што може да се менуваат според нивните потреби.
А ако таа тоа сепак го стори, тогаш ние ќе фрлиме дрва и камења по неа во јавниот дискурс, за да го набилдаме евроскептицизмот до крајни граници, што подоцна ќе биде алиби подржано од народот, за целосно отфрлање на европската идеја и отворање на „други“ опции за геостратешко поврзување, нели!