Како што температурите растат и пролетта целосно ја разбуди природата, така од скривалиштата се појавуваат и нејзините најтивки и најнеразбрани жители — змиите. Во последните недели, граѓани од различни делови на Македонија пријавуваат се почести средби со овие влекачи — не само во планинските предели, туку и на самата граница меѓу урбаното и дивото.
Жителите на неколку скопски населби деновиве со загриженост пријавуваат појава на змии во нивните дворови и на јавни површини. Не ретко жителите се жалат и на стаорци околу згардите, па дури и на улиците и тротоарите.
– Дожд си врне, трева си расте. Змии ќе не изедат, вели една жителка на скопски Карпош.
– Со години молиме за неискосена трева, несобрано ѓубре, за безбеден превоз. Ја живееме ’49-та, само што не сме свесни, гласи ставот на друг скопјанец.
Најави за дератизација и дезинфекција има од неколку скопски општини, додека Град Скопје си молчи.

„Змиите не нè напаѓаат — ние влегуваме во нивниот простор,“ вели проф. д-р Ромел Велев, кој три децении предава ветеринарна токсикологија и фармакологија. Според него, сè што се случува е дел од нормалниот биолошки циклус: „Како што се зголемува дневната температура, тие ја прекинуваат зимската хибернација и стануваат активни.“
Иако стравот од змиите е силен и честопати иррационален, фактите говорат нешто поинакво. Во Македонија се регистрирани 16 видови змии, но само три се отровни: посокот, шарката и остроглавата шарка. Најчестиот виновник за урбаната паника — посокот — не е навлезен во нашите простори, туку ние навлегуваме во неговите, предупредува Велев: „Станува збор за границите меѓу населбите и зелените површини, како оние покрај реката Вардар, каде граѓаните шетаат кучиња или вежбаат.“

Тие три змии припаѓаат на фамилијата випериди – познати по својот отровен залак, но дури и тие ретко напаѓаат. „Змиите не сакаат да трошат отров без потреба,“ објаснува Велев. „Тие каснуваат само кога се загрозени – на пример, ако се згазени или исплашени.“
Повеќето змии се смокови — неотровни, но застрашувачки на изглед. Интеракцијата со нив, како кај луѓето така и кај милениците, најчесто настанува ненамерно. „Змиите не се агресивни. Тие ќе каснат само ако се загрозени — ако се згазнати, наседнати или директно испровоцирани,“ вели професорот. Особено предупредува дека треба да се внимава при прошетки низ непроодна трева, каде што видливоста е слаба.
Од другите две отровни змии – шарката и остроглавата шарка – шансата да ги сретнете е мала, бидејќи живеат на над 1.500 метри надморска височина.
Тој веќе три децении предава токму за токсините, вклучително и зоотоксините – отровите кои ги создаваат животни како што се змиите.
„Не треба да се плашиме, ниту за себе, ниту за нашите миленици. Повеќето змии не се опасни,“ вели професорот, кој потенцира дека во светот постојат над 3.000 видови змии, но само околу 10% се отровни.

А што со милениците?
Велев е посебно загрижен за паниката што ја шири интернетот кога ќе се појави змиска кожа или видео од каснување на куче. „Интеракциите најчесто се случуваат со кучиња кои трчаат, играат или ловат,“ објаснува тој. Ловџиските кучиња се најмногу изложени на ризик, но и тоа не значи автоматски опасност по живот.
„Не секое каснување е смртоносно. Зависи од видот на змијата, фазата на нејзиниот развој, дали е неодамна нахранета или во менување на кожа – сите овие фактори влијаат на количината и потенцијата на отровот.“

Исто така, не сите каснувања се резултат на отров – некои се „суви“, без инјектирање на токсин. Сепак, сопствениците на животни треба да бидат внимателни. „Ако постои сомневање дека кучето било каснато – веднаш на ветеринар,“ вели Велев.
Што да правиме кога ќе сретнеме змија?
Ако сретнете змија, најважно е да останете смирени. „Не ја вознемирувајте. Змијата најчесто сама ќе се повлече,“ вели професорот. Панични реакции и обиди за убивање на животното не се препорачуваат – не само поради личната безбедност, туку и поради екосистемот.
„Змиите се важни предатори. Јадат глодари и помагаат во контролата на популации што би можеле да бидат штетни,“ објаснува тој.

Во случај на каснување – било на човек или миленик – најважно е веднаш да се побара лекарска или ветеринарна помош. Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје е една од институциите каде граѓаните можат да се обратат за помош или совети. Велев, сепак, напоменува дека земјата сè уште нема централизирана служба за справување со вакви ситуации, што е простор за идни подобрувања.
Како завршен совет, проф. Велев апелира на воздржаност и информираност. „Ако ги разбереме, нема да се плашиме. А ако не се плашиме, нема да правиме грешки.“
Иако секое лето носи нова доза змиска параноја, вистината е дека ние – луѓето – имаме многу повеќе контрола одошто мислиме. Контрола преку разбирање, внимателност и – можеби најважно – малку почит кон дивиот свет што нѐ опкружува.
Соња Танеска