Независен.мк открива кој е шивачкиот дуќан од Битола кој доби тендер од 2,13 милиони евра за униформи на МВР, откако голема врева се крена во државава и особено во градот под Пелистер за модната дизајнерка Лиле Кадинска од Битола, по информацијата дека нејзиното „Ле бранд студио“ е дел од контроверзната јавна набавка за униформи за специјалната полиција во државата.
Кадинска деновиве е една од „најозборуваните“ личности во Битола, особено што е носител на јавната набавка во вредност од 130.980.000 денари (2,13 милиони евра) со вклучен ДДВ за наредните три години. Тоа е рамковна спогодба потпишана со Министерство за внатрешни работи на Македонија. Годишно ова мало модно студио од Битола треба да исполни обврски од договорот за 710 илјади евра.
Студиото можеби е модно, но мануфактурата е мал шивачки дуќан. Една од главните дилеми во битолската, а и македонската јавност, е како овој мал шивачки дуќан со двајца вработени ќе обезбеди банкарска гаранција од пет проценти од сумата на јавната набавка. Тоа се 106.500 евра.
Засега нема ни одговор на јавно поставените дилеми како Кадинска со нејзиното студио „Ле бранд“ успеала да ја добие јавната набавка со двајца вработени и со новорегистрирана компанија со име „Памитекс тим“, чиј сопственик е од Србија да шие униформи во шара за специјалните полициски единици.
Неодговорените прашања отвораат низа на дилеми и сомнежи особено за свежо формираната фирма „Памитекс тим“.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски пред два дена го повика Јавното обвинителство и останатите институции да го истражат случајот и не само тендерот за набавка на униформи, туку и сите останати тендери за кои постојат индиции за какви било сомнежи за незаконитост. Тој демантираше дека сопственичката на модното студио Кадинска е пријателка на неговата сопруга.
„Независен“ денеска му постави прашање на Јавното обвинителство дали ќе постапува во случајот со тендерот за полициските униформи. Од таму ни одговорија: „Обвинителството постапува само доколку има елементи на кривично дело“.
Вкупните приходи на „Ле бранд студио“ во 2024 година изнесувале 20.651 евра, според податоците од Централниот регистар (во 2023 година – 17.790 евра, а во 2022 година – 16.935 евра).
Вчера дописникот на „Независен“ тропна на вратата на „Ле бранд“ во Битола. Ама што би рекле битолчани: Лилето сега тешко се наоѓа!
Откако ја побаравме на телефон, таа возврати да ѝ напишеме порака оти не е во можност да се јави, а кого и кажавме дека ја бара новинар, повеќе не се јави.

Студиото „Ле бранд“ се наоѓа во центарот на градот, во првата зграда од локацијата „Стара болница“, но иако вчера внатре светеа три луксузни лустери, на сред бел ден, што можеше да се забележи од стаклената врата, никој не излезе од модното студио. Пред влезната врата од дуќанот на ул „Климент Охридски“ 25 беа поставени дрвена масичка со две столчиња, можеби да се одморат шивачките и да испијат кафе пред сермијата, по напорната работа.
Целата сторија прочитајте ја на Независен.мк со наслов: Модното студио „Ле бранд“ од Битола со две шивачки за матурски фустани влезе во специјална полициска мисија