Ниеден националист како македонскиот

Ич не спомнувај „реципроцитет“ со други земји, немаш ни стап, ни камен за тоа, а заби Македонија никогаш и немала. Џабе ‘ржиш, само правиш Македонија да личи на нервозна пудличка што лавка на сите околу. Просто, престани да ја претставуваш државата како некаков испотен, влакнест мачо што ќе го натепа секој што не му реципроцирал во добра волја. А не си ни дамица која треба батлери да ја служат со НАТО или без НАТО, со Преспански или без Преспански договор, небаре се сол и бибер на масата.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Не е проблемот што си тврдиш за себе дека си македонски националист, проблемот е што ексклудираш дури и таму каде што национализмот пропишува инклузија. Што не гледаш на која страна ја фрлаш таа паричка. Национализмот, не е само ексклудирачки. Прописно, има и инклузивна страна, преку која човек може да „вежба“ трансцендирање кон општочовечкото. Проблемот е, „националисту“ и „националистке“, во тоа што не досегаш ни со чувство, ни со мисла да го спознаеш национализмот. Уште подалеку си и од патриотизам. Проблемот е што, всушност, не си националист, туку си помал од национализмот. Може да бидеш само трибалист, танчар на тапаните и веач на знаменца, во далеку помало племе отколку што е една нација. Твојот поглавар, на твоето тесно крајно десничарско или крајно левичарско племе, е опортунист и маскиран протофашист, а можеби и отворено е таков.

Кого исклучуваш во славењата на националните културни манифестации? Токму тие што не ти се сложуваат со принципите на протофашизмот и тие што не се опортунисти, а камоли пропоненти на личните опортунизми на поглаварот на твоето мало племе. Има многу од нас што тој не може да ги смота со двојната игра. Како ги поддржа документите и законите во кои македонскиот јазик се унапредува, се почитува, меѓународно се признава и промовира дури и од други земји и организации? Избегаа твоите врачови, а ти ги оправда! Кои македонски традиции, во своето славење, се стремиш да ги пренесеш? Невидливо ти е тоа, замаглено со антиквизирани кичови! Како ги споделуваш македонските традиционални обичаи, творби, култура со другите националности? Никако – од несигурноста дека не би бил вистински националист, ги ексклудираш до даска сите неприврзани на поглаварот, па не споделуваш. Која историја за Македонија ја знаеле самите историски дејци и од кои времиња? Туку, вчера ти текна да си ги нацрпиш со кутлача морковите од супата на историјата. Да ги мамиш луѓето со антички силикони.  

Само се склупчуваш пред иницијативи за културна размена и взаемна почит за културните елементи со други нации и ги ексклудираш оние кои нормално и прописно го прават тоа. Анксиозно посакуваш да не ти пречат дури и Македонци, во тесната племенска ехо-комора, но сакал-нејќел, упорно припаѓате на истата –  македонската нација. Не можеш со мускули да ги ексклудираш од националното, колку и да ги „северџуваш“ со устата. Ти си одвоениот, ти си затворениот, и тоа – од твојот поглавар. Затворен си во племенска ѕидана ограда и си блеете во ехо меѓу себе. Колку и да сакаш името Македонец и Македонија да си ги присвоиш исклучиво за твоето трло, кај што се стискате со племето како малопреспански гласачи во скопско станче – не можеш. Не можеш да ги прошириш ѕидовите на ехо-комората, премал си и премрзлив си. Не ти следуваат границите на Македонија.

Фигурираш ли во пописот или те наговори племенскиот поглавар – „НЕ, немој“? Им помогнаа ли некои од твоите врачови, на пример, на луѓето со посебни потреби, макар со зеленото копче во Собранието, или тие не им заслужуваат инклузија? Всушност, како граѓански се ангажираш? Тврдиш напразно дека не си фан на преполни контејнери, чекање автобус со саати и трибално судство! Од мажите, жените и децата си правиш патријархална комина и така си се опиваш во своите митови за себе. И силно се надеваш луѓето со посебни потреби да паднат  од „земјината плоча“, како и животните од Зоолошката градина и сите кои не се клањаат на твојот племенски поглавар! Затоа, ти не си ни патриот, не стигаш ни до националист. Ти си трибалист од ехо-коморите на ВМРО-ДПМНЕ или Левица.

Ич не спомнувај „реципроцитет“ со други земји, немаш ни стап, ни камен за тоа, а заби Македонија никогаш и немала. Џабе ‘ржиш, само правиш Македонија да личи на нервозна пудличка што лавка на сите околу. Просто, престани да ја претставуваш државата како некаков испотен, влакнест мачо што ќе го натепа секој што не му реципроцирал во добра волја. А не си ни дамица која треба батлери да ја служат со НАТО или без НАТО, со Преспански или без Преспански договор, небаре се сол и бибер на масата. Ти се смеат зад грб како невешто се мачкаш со боички на лицето и си играш циркус со сите додека врачевите и поглаварот ти се стрмоглавуваат во темната дамка – Камчев.

Наместо да ја прегрнеш географската и историската вулнерабилност на Македонија и од тоа да извлечеш придобивки, ти ја доослабе Македонија во очите на другите земји. Ти црткаше лавчиња, вергини и „целадае“, небаре симболчињата ќе ти дадат противтежа за реципроцитети. Значи, поглаварот на твоето мало племе, драг „националисту“, не работи за тебе, не ли ти е јасно од сето тоа. Ти го одземаше секој лост, секоја потпора за каква и да е придобивка. На Македонија ѝ ги одземаше, преку кичот, преку плагијатите, преку автократизацијата на институциите, со неедуцираното своеволие. Каков реципроцитет бараш сега и што не го бараш од поглавицата твој. Знаеш ли како се раствара „супстратот“ на македонскиот идентитет? Како се компромитира националното? Така! Само те дресираа за другите да го рецитираш истото на уличарски јазик: дека другите „продаваат“. А всушност твоите врачеви од племето раствараат и компромитираат!

Тебе, изгледа не те погодија дупките што ВМРО-ДПМНЕ цела деценија ги отвараше во законите и 24/7 ги пополнуваше со тоталитарна кал. Но, ја погодија Македонија, а ѝ го намалија тогаш и меѓународниот углед и сигурноста кои конечно ги накрена со членството во НАТО и договорите со соседите. Или, можеби токму ти ја прегрна културата на опортунизам и само беше мало шрафче во деградирањето на институциите со послушни, мали опортунистчиња. Сега максимално те интересира НЕ – никакви правосудни стандарди, а ги изразуваш како НЕ – против соседите и врескање против ЕУ, НАТО и договорите. Еден врач што те боцка дека сега, кога си во НАТО, дека си банана, тој што ти мати во Илинденски говор релативизам на идентитетот, небаре си тесто што се меси со некаков договор, потомецот на лозата за великобугарска кауза – тој те „учи“ дека ќе се зголемел угледот на Македонија ако „НЕ“-то останело. Ако голташ вакви очигледни лаги од очигледни заблудени „учители“, тогаш, „националисту“, НЕ го прегрнуваш македонскиот идентитет, туку ти си држачот на великобугарската рампа. Истата рампа која самата Бугарија како членка на ЕУ имаше доволно разум да ја отстрани – самата не ги поддржа своите великобугарски трибални „националисти“. Или си лесноверно будалче за поглаварот на твоето тесно племе заѕидано во ехо-комора. Или, можеби, не се ни чувствуваш излажан, оти сѐ ти е рамно, сосе Земјата – ти си самиот чисто опортунистче. На готовс си да уловиш во матно нешто што ќе ти пушти некоја црна риба – не ги сакаш стандардите на ЕУ, само би пречеле на матнотијата.

И сега, во момент кога можеби заради ковидот имаш вишок моќ во Собранието, се силиш против сите што разбираат дека ЕУ стандардите на сите полиња, особено во судството, би го декапацитирале опортунизмот. Ги дразниш луѓето во достоинството, дрангајќи расипано со зборот „диктат“. Па оди на улица, не го гледај диктатот на семафорот, диктатот на сообраќаецот, диктатот на знаците на патот, те молам. Се гледа дека ти си тој што е надразнет од диктатот на твојот поглавица. Им го мелеш мозокот на луѓето во пропаганда  со еквивокации меѓу бугарскиот окупатор во минатото и бугарското малцинство во Македонија денес. Промовираш застрашување од фашизам од Бугарија, ти – кој си владеан со испробани фашистички методи од диктатори и од твојот ванчомихајловистички поглавица. Тој те истемпира да се „тревожиш“ токму кога бугарскиот 0.0018-ти дел од народ (0.18%) во Македонија се додава во Уставот меѓу други мали делови од народи. Се запишува како содржан дел, а не како основач, а ти мамиш до зборче со „конститутивност“. Додавањето во Уставот како содржаност на делови од народи е само наш, македонски, минијатурен, но демократски гест.

Затоа, точно таа што мислиш дека ти остава да дигнеш глава во своето ексклудирање – демократијата – сакаш да ја снема, но посакуваш прво да ја искористиш токму неа за да добиеш предност. Е, не бива пак слонче во лонче, порасна слончето – пукна лончето, уште со груевизмот. Нема ново. Ти само надевај се дека имаш билет за тоталитарниот рај, можеби тогаш ќе те измерат други колкаво рипче си бил. Знаеме веќе дека протофашистичките принципи ти помагаат за опортунистичките амбиции. Фан си на жртвени јагниња на етничките или верските групи. Го глорифицираш насилството и промовираш Führerprinzip („лидерски принцип“). Се стремиш партијата и државата да има единствен заеднички лидер со апсолутна моќ. Раката ти е на потенциометарот на радикализмот и тоталитарните амбиции. Не мора да читаме во енциклопедија што е ова, туку искуствено, од груевизмот го знаеме тоа.

Знаеме и од кичовите, од Скопје 2014, грозотите за студентите, кинеските автобуси, кембриџ учебниците, трговиите со Камчев и заплашувањата во судството, и што уште не, на кој начин тоталитарноста ги поддржува конкретните опортунистички амбиции на големите риби, и како, генерално, промовира „култура“ на опортунизам. Друг ли треба да ни отвара очи дека црнолисните цвеќки се нелојални на Македонија, нема што допрва да гледаме кои се конкретно, нелојалноста им е дефинирачка! Таа нелојалност далеку отишла, има вовче од следства од намерите на Русија, па до нас, via дејствата на твојот Камчев, на твоето ВМРО-ДПМНЕ, на твојата чудна Левица, со цел војната да се прошири и на Балканот. Тоа не е патриотизам, не е ни национализам, дури и трибализмот е веќе проблем ако си толку неинтелигентен.

Но, изгледа дека овојпат ќе мора да се задоволиш само со оправдувања за бегањето на твоите врачови од македонската химна за празници, жалењето од младите, двоењето во твојата малечка ехо-комора, лавкањето против НАТО, Преспанскиот договор и Земјата да ти е рамна, колку и да си сега „фаца“. Ако и тоа, воопшто, ти остане на патот на Македонија кон ЕУ. Како и да се свртиш драг трибалисту, опортунисту, протофашисту,… Ќе се трансформираш. Имаш шанси со ЕУ да станеш пристоен националист и со инклузивни квалитети, па дури и патриот, како во земјите каде што демократијата е традиција.

Треба да знаете
Moже да ве интересира