Потпретседателот на Владата на РСМ, Александар Николоски, зборувајќи за проширувањето на ЕУ и пробелмите на земјата со Бугарија изрече став во кој може да се препознае спин:
Спин: Нема прв пат да го кажам тоа што ќе го кажам вечерва, проблемот е многу поголем од блокирање на Бугарија. Проблемот е затоа што неколку големи земји членки на ЕУ и наметнаа на Европската унија став против проширување. Последен кој што тоа јавно и директно го кажуваше беше Жан Клод Јункер. После тоа, се држи тоа во една обланда. Но факт е откако го кажа тоа Јункер, тоа беше 2014-тата година, до денес, нема никаков напредок во проширувањето и факт е дека тоа што го кажа се реализира. Еве да ја тргнеме Македонија на страна, која друга држава напредува кон ЕУ. Нема таква…(За Црна Гора), Откако веќе видоа дека ќе нема други аргументи, Хрватите им најавија вето. Така што, тоа е една јасна политика која што треба ЕУ да ја реши внатре. Инаку да ја реши таа политика внатре, јасно е дека проблемот со Бугарија може да се реши за едно претпладне или едно попладне…
[Извор: ТВ Сител/Јутјуб – Тема на денот/А. Николоски (околу 15 мин.); датум – 19.12.2024]
Контраспин: Евроспектицизмот што го искажа вицепремиерот Александар Николоски со тврдењето дека постои премолчен договор помеѓу „неколку големи членки на ЕУ“ против натамошно проширување на Унијата, е извртување на вистината,т.е. спин, затоа што во реалноста не може да се најде потврда за постоење на таков договор и спроведување на таква политика, освен ако не се шпекулира на оваа тема.
Николоски се повикува на изјава на поренешениот претседател на Европската комисија Жан Клод Јункер од 2014 година и за волја на вистината не го прави првпат, туку тоа го стори и пред десетина дена на друга телевизија, а беше забележано од онлајн медиумот Независен во текст со наслов: „За Александар Николоски само Жан-Клод Јункер бил чесен, сите други по него во ЕУ биле нечесни“:
Користа од чекањето е зачувување на националната гордост. Никој не е наивен да влегува во играта на Бугарија на бескрајни условувања и бескрајни вета. Ако е ова последно да разговараме, а ако не е последно не сме наивни уште еднаш да страдаме и да имаме проблеми. Јас стојам зад тоа што сум го зборувал дека проблемот е малку поголем од тоа што се претставува во јавност, а проблемот е стратешката одлука на големите земји членки повеќе од десет години да нема проширување. Последниот политичар којшто беше чесен во однос на процесот, беше политичар којшто од овие другиве коишто се нечесни беше исправен. А тоа е Жан Клод Јункер којшто беше претседател на ЕК. Тој беше доволно чесен да ни каже на сите дека проширување нема да има, рече Николоски во гостувањето во „Само интервју’’ на Канал 5, пишува Независен.мк.
Но, иако Јункер најавил извесна пауза во проширувањето, фактите зборуваат дека од проширувањето со земјите од Западен Балкан ЕУ никогаш не се откажала, како ниту земјите кандидати. Така на пример уште во 2017 година истиот Јункер најавува дека проширувањето ќе продолжи, иако не пред 2019 година кога му заврши мандатот:
Ако сакаме поголема стабилност во нашето соседство, мора да понудиме веродостојни перспективи за проширување кон Западен Балкан. Но, јасно е дека нема да има натамошно проширување за време на мандатот на оваа комисија и овој парламент. Ниту еден од кандидатите не е подготвен сега. Но потоа, Европската Унија ќе биде поголема од сегашниот број од 27 членки. Сите земји кандидати за членство во Европската Унија мора да дадат апсолутен приоритет на почитувањето на владеењето на правото, судството и основните права, истакна Јункер во годишно обраќање пред Европскиот парламент.
Оттогаш, а посебно после руската инвазија во Украина во 2022 г., преговорите со земјите кандидати и со оние кои се во пристапните преговори се засилени, а челниците на ЕУ постојано истакнуваат дека приклучувањето на Западен Балкан кон ЕУ е од геостратегиска важност. Впрочем, тоа го изјави новиот претседател на Европскиот Совет Антонио Кошта, кој ја потенцираше важноста од проширувањето според заслугите и кој се спротивстави на билатерализацијата на прашањето, потенцирајќи го геостратегиското значење:
Билатерализацијата не е фер начин во проширувањето и треба да ја избегнуваме. Јас лично сум посветен де се обидеме да се надминат овие билатерални проблеми, бидејќи на проширувањето треба да гледаме како на многу важна геополитичка инвестиција, не само за Западниот Балкан, како и на заеднички интерес на 27-те земји членки на ЕУ, изјави Кошта во одговор на новинарско прашање во Брисел.
Декларацијата го потврди процесот на проширувањето
На самитот е усвоена и Декларација од Брисел 18.12.2024, која е постигната едногласно меѓу ЕУ и лидерите на земјите членки на Западен Балкан, меѓу кои и С. Македонија и во која се потврдуваат намерите и за проширувањето. Во точка 3 од Декларацијата се наведува:
Иднината на Западниот Балкан е во нашата Унија. Ја потврдуваме уште еднаш нашата потполна и недвосмислена посветеност на перспективата на Западниот Балкан за членство во Европската Унија.
Во точката 5 ЕУ ja поздравува решителноста на земјите од Западен Балкан да се посветат на основните европски вредности:
ЕУ ја поздравува решеноста на партнерите од Западен Балкан да ги почитуваат и да им се посветат на основните европски вредности и принципи, во согласност со меѓународното право и повторно изразената посветеност на првенството на демократијата, основните права и вредности и владеењето на правото. Владеењето на правото, слободата на изразување, независните и плуралистички медиуми, родовата рамноправност и една моќна улога за граѓанското општество се клучни за да се обезбеди функционална демократија. Во овој поглед, постапките ќе бидат погласни од зборовите кога партнерите преземаат одговорност и ги спроведуваат потребните реформи, посебно во областа на темелните прашања. ЕУ ги повикува партнерите да ги гарантираат правата на припадниците на малцинства и нивниот рамноправен третман. Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на нашите партнери за борба против организираниот криминал и корупцијата.
Во точка 12 од Декларацијата се потсетува на важноста на добрососедските односи и почитување на билатералните и регионалните договори:
Помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се во сржта на Европската унија. Затоа е од суштинско значење меѓународните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати. Сè уште се неопходни одлучни дополнителни напори за да се поттикнат помирувањето и регионалната стабилност, а исто така и да се пронајдат и да се спроведат конечни, инклузивни и обврзувачки решенија во однос на регионалните и билатералните спорови и прашања меѓу партнерите, вкоренети во наследството од минатото – во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Договорот за прашања на сукцесија – како и во однос на преостанатите случаеви на исчезнати лица и прашања за воени злосторства.
Како што може да се види и од последниот документ поврзан со проширувањето на ЕУ, заедничката Декларација од пред само два дена (18.12.), проширувањето на Унијата е жив процес и нема никаква назнака дека „неколку големи земји членки“ се договориле да нема проширување, како што вели Николоски. Никој не вели дека немало до сега колебања или сомневања за двојни аршини од ЕУ или неспроведување на веќе договорени политики, а најмногу бавност во целиот процес. Но, процесот на проширување е жив и е во тек, тоа го потврдува и напредокот и на Црна Гора па и на Албанија која веќе почна да се движи напред, а С. Македонија активно учествува во него, што го потврдува и учеството на премиерот Христијан Мицкоски на самитот во Брисел и неговата согласност за заедничката Декларација од таа средба.
Поради тоа, тврдењето на Николоски за премолчен договор да нема проширување, е извртување на вистината, односно спин.
Пишува: Теофил Блажевски
Преземено од Мета.мк