Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Николова: Со измени на Законот за основно образование владата ги дискриминира педагозите и децата со попреченост

Измените на Законот за основно образование јасно потврдуваат дека режимот се враќа побрзо од очекувањата. Во измените на законот за основно образование е оспорена компетентноста на педагозите за реализација на наставниот процес во одделенската настава и продолжениот престој на учениците во основното училиште, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната седница на Собранието.

– Досега, во јавноста и во стручната фела не е кажана ниту една причина зошто педагогот како профил не е соодветен за негова вклученост во наставниот процес и продолжениот престој во основното училиште. За овој проблем сите пратеници добија реакција од професорите од Институтот за педагогија при УКИМ. Со ова се делегимитира и статусот на голем број педагози кои веќе се вработени и реализираат настава и продолжен престој во основните училишта. Исто така, со предложените измени се проблематизираат и одлуките на голем број студенти што се определиле да студираат педагогија и ваквиот потег со измените на законот значат дискриминација за нив, рече Николова.

Таа потенцираше дека уште повеќе загрижува фактот што Министерството го користи законот да направи измени на штета на инклузијата на децата со попреченост во образованието. Во однос на инклузијата на децата со попреченост во образованието, спротивно на Конвенцијата за правата на детето, во предлог законските измени родителот е определен како страна која треба да го има последниот збор во однос на најдобриот интерес на детето.

– Секако родителот не смее да е исклучен од процесот на определување најдобар интерес на детето но, согласно Конвенцијата, потребно е да учествуваат и стручни лица од областа на образованието, социјалната и здравствената заштита. Ваквиот начин на организирање на инклузијата значи враќање назад речиси една деценија. Сето она што е вложено во напредокот на овој процес, само со една интервенција во Законот за основно образование ќе предизвика штета која долгорочно ќе ја чувствуваат децата со попреченост. Ова може да значи повторно враќање во специјализирани училишта и оставање на децата со посебни потреби на маргините на општеството, рече Николова.

Наместо подигање на свест за овие сензитивни прашања, Владата одлучува да постапи со непопуларни мерки кои го уназадуваат целиот процес. Одбивањето за јавна расправа во однос на сите законски решенија кои сега се ставени на дневен ред, покажува дека Владата и пратениците од владејачкото мнозинство не чувствуваат потреба да ја слушнат јавноста, стручната фела, засегнатите страни.

– Нивното заложување за транспарентност остана само како предизборно ветување кое нема да се реализира и станува дел од низата лаги кои станаа секојдневие во практикувањето на власта на оваа Влада, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Николова.

Зачлени се на нашиот е-билтен