Низок наталитет, висока миграција – Каде се движат семејствата во Македонија

Wikimedia Commons

Годинешната тема го нагласува значењето на интеграцијата на семејните политики во националните развојни стратегии со цел постигнување одржлив општествен развој.

Меѓународниот ден на семејството се одбележува секоја година на 15 мај од 1994 година, кога беше воспоставен со резолуцијата A/RES/47/237 на Генералното собрание на Обединетите нации од 1993 година. Овој ден претставува можност да се поттикне свеста за прашањата поврзани со семејството и да се зголеми разбирањето за социјалните, економските и демографските процеси што влијаат врз семејствата.

Официјален симбол: Зелен круг со црвено срце и куќа во средината – симбол на централната улога на домот во општеството и важноста на семејството како основна општествена единица.

Семејството е местото каде што се стекнуваат основни вредности, каде се гради поддршка и разбирање. Во време на глобални предизвици, јакнењето на семејните политики значи инвестирање во иднината – преку образование, еднаквост, здравје и социјална стабилност.

Цели на одбележувањето на Меѓународниот ден на семејството 2025 година:
Истакнување на значењето на семејните политики – со фокус на нивната улога во претстојниот Втор светски самит за општествен развој.

Анализа на постојните политики – преку Националните доброволни извештаи за периодот 2020–2024.

Преглед на иницијативи – по повод 30-годишнината од Меѓународната година на семејството.

Промоција на добри практики – во креирањето семејни политики на регионално и национално ниво.

Препораки за иднината – за имплементација на семејно ориентирани политики во рамки на Агендата 2030 за одржлив развој.

Во текот на 1980-тите, ОН започнаа да обрнуваат поголемо внимание на семејните прашања. Во 1983 година, Економскиот и социјален совет ја усвои резолуцијата 1983/23, со која го повика генералниот секретар да ја подигне свеста кај носителите на одлуки и јавноста за предизвиците и потребите на семејствата.

Во 1989 година, со резолуцијата 44/82, Генералното собрание ја прогласи 1994 година за Меѓународна година на семејството. Во 1993 година со резолуција A/RES/47/237 беше одлучено 15 мај секоја година да биде Меѓународен ден на семејството.

Глобални трендови поврзани со семејствата
Промени во семејната структура: Сè почесто се среќаваат самохрани родители, истополови семејства, семејства без деца, „мешани“ семејства.

Пораст на индивидуализмот: Луѓето сè повеќе го ставаат фокусот на личниот развој и кариерата.

Пад на наталитетот: Поради економски несигурности, вредносни промени, високи трошоци.

Технологијата и дигитализацијата: Го менуваат начинот на комуникација во семејствата, но и носат ризик од отуѓување.

Поголема вклученост на татковците: Во родителството и домашните обврски.

Миграции и транснационални семејства: Многу семејства живеат разделено, во различни земји.

Семејството во Северна Македонија

Северна Македонија, како и многу други земји во регионот, се соочува со значителни демографски и социјални предизвици кои директно влијаат врз семејната структура и стабилност.

Демографски и социјални податоци:
Стапката на наталитет е една од најниските во регионот. Во 2023 година изнесуваше само 8,9 живородени деца на 1.000 жители.

Просечната возраст на мајките при раѓање на првото дете постојано расте и веќе надминува 28 години.

Стапката на разводи е во пораст, со речиси 2.000 регистрирани случаи годишно.

Околу 25% од децата живеат во домаќинства изложени на ризик од сиромаштија.

Многу млади, особено од рурални и маргинализирани заедници, се соочуваат со економска несигурност, недостапност до станбен простор и потешкотии при вработување.

Миграцијата остава силно влијание – илјадници млади заминуваат во странство, често оставајќи ги своите родители и деца зад себе, што ја менува традиционалната семејна динамика.

Родово нерамномерната распределба на улоги и натаму е присутна, особено во руралните средини и кај традиционално ориентираните заедници.

Зачлени се на нашиот е-билтен