Државниот завод за статистика ги потврди предупредувањата на граѓаните за порастот на цените. Во ноември, во однос на октомври, трошоците за живот се зголемиле за 1%, а на годишно ниво инфлацијата изнесува 4,3%.
„Зголемувањето на инфлацијата во ноември 2024 година, во споредба со претходниот месец, се должи на повисоките трошоци за живот во следните категории: храна и безалкохолни пијалаци (+2,1%), рекреација и култура, алкохолни пијалаци и тутун (+1,5%), ресторани и хотели (+0,8%), облека и обувки, здравје (+0,2%), како и домување, вода, електрика и гас (+0,1%)“, објави ДЗС.
Сепак, намалување на трошоците е забележано кај транспортот (-0,9%), мебелот и покуќнината (-0,3%), како и разновидни стоки и услуги (-0,1%).
На почетокот на годината, инфлацијата беше пониска, со 3,4% во јануари, 3,0% во февруари и 4,0% во март, но трендот на раст сега е евидентен.