СДСМ обвинува за нов сомнителен тендер во Министерството за внатрешни работи (МВР), кој според нив, претставува класичен пример на коруптивна шема и злоупотреба на институциите за партиски и лични интереси.
„Нов скандал во МВР е на повидок – нов случај на крајно сомнителен, коруптивен тендер којшто отвора сериозни прашања за злоупотреба на институциите за бизнис интереси и испумпување на парите на граѓаните“, изјави Каја Шукова, потпретседателка на СДСМ.
Според опозициската партија, МВР под раководство на министерот Панче Тошковски, доделило милионски тендер за лиценца за организирање на возачки испити во Пелагонискиот регион на фирмата „Супер Возач“, која, како што наведуваат, е поврзана со функционер на ВМРО-ДПМНЕ и советник во Советот на Општина Кичево, Филип Митрески.
„Преку фирмата ‘Стрит рајд’, која е сопственик на ‘Супер Возач’, функционерот на ВМРО-ДПМНЕ добил монопол од пет години врз доходовен бизнис вреден милиони денари. Сите полагања на возачки испити во Битола, Прилеп и Ресен ќе одат преку оваа фирма блиска до власта“, потенцира Шукова.
Според СДСМ, скандалот станува уште поголем со оглед на тоа што фирмата била регистрирана само три месеци пред распишувањето на тендерот. „Прашањето е дали однапред е договорена оваа милионска зделка? Како знаел функционерот од ВМРО-ДПМНЕ дека за неколку месеци ќе се распише тендер и отвори фирма токму за оваа намена?“, прашува Шукова.
„Случајно? Не веруваме. Ова е пример за корупциски и тендерски шеми на ВМРО-ДПМНЕ. Партиски тендери по мерка на власта и ништо друго“, додава таа.
СДСМ потсетува дека ова не е изолиран случај и го поврзува со претходниот тендер за набавка на униформи, оценувајќи дека МВР „спроведува корупција во живо, наместо да се бори против криминалот и корупцијата“.
„Ова е моделот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Партиски и лични бизнис интереси врз грбот на народот. Ова е огромен скандал кој мора да биде расчистен до крај и да има одговорност“, рече Шукова.
Од СДСМ побараа Државната комисија за спречување на корупцијата веднаш да отвори предмет, а Основното јавно обвинителство да постапи по допрен глас. „Граѓаните заслужуваат институции што работат за нив, не за бизнисите на партиски советници. Македонија не смее да стане плен на организиран партиски грабеж кој го прави ВМРО-ДПМНЕ. Одговорност мора да има и ќе има!“, заклучи Шукова.