На Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје денеска, 10 ноември 2025 година, заклетва положија 31 питомец и 28 слушатели на курсот за офицери, со што официјално го започнаа своето воено образование.
На свеченоста присуствуваа претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кои им се обратија на новата генерација питомци и офицери.
Во своето обраќање, претседателката Сиљановска – Давкова истакна дека питомците стапуваат во Армијата во време на зголемени геополитички тензии и конфликти, нагласувајќи ја важноста од почитување на највисоките професионални и морални стандарди.
Министерот Мисајловски нагласи дека униформата претставува симбол на одговорност и посветеност кон татковината, укажувајќи дека процесот на воената едукација ќе ја зајакне нивната физичка и психичка подготвеност, но и карактерната издржливост.
Деканот на Академијата, полковник Ненад Танески, истакна дека положената заклетва претставува завет кон знамето и континуитет на верност кон државата и нејзината слобода, додавајќи дека мисијата на Академијата е да создава современи, морални и одлучни офицери.
Свечената церемонија со која официјално започна обуката на новата генерација питомци и офицери се одржа во дворот на Воената академија во присуство на семејствата на питомците, претставници на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија.

