Нова реалност за учесниците во сообраќајот: Од мобилен на улица до стари возачки, за сите следат казни

На улиците во Македонија стапуваат на сила нови правила, кои веќе предизвикуваат бурни реакции кај граѓаните. Возачите, пешаците, велосипедистите – никој не е изземен. Државата воведува построги казни за да се зајакне безбедноста во сообраќајот, но и да се спроведат законските обврски што ги презеде државата со промената на уставното име.

Се случува често: пешак го преминува булеварот со мобилен во рака, додека велосипедист зборува на телефон возејќи низ сообраќај. Тоа што вчера беше „обично невнимание“, веќе носи казна. Новите измени на Законот за безбедност во сообраќајот јасно ставаат до знаење:

  • Пешак што користи мобилен телефон, слушалки или паметен часовник при преминување улица – 40 евра казна.
  • Возач на велосипед, тротинет, мотор или трактор што користи електронски уред додека се движи – 50 евра казна.

Овие мерки, според Министерството за внатрешни работи, се донесени со цел да се спречат сообраќајни несреќи предизвикани од невнимание и нарушена концентрација.

Додека некои се фокусираат на безбедноста на улиците, други веќе се загрижени за документите во паричникот. Возачките дозволи со старото уставно име „Република Македонија“ се веќе неважечки. Иако оваа одредба беше најавена одамна, многумина заборавија или не успеаја да ја обноват дозволата.

Сега, контролата е засилена. Возачите што ќе бидат фатени со старата дозвола ќе добијат казна од 100 евра.

На социјалните мрежи реакциите се поделени. Додека едни го поздравуваат обидот за зголемување на безбедноста, други предупредуваат на „преостри мерки“ и недоволна јавна информираност.

Но институциите остануваат децидни: правилата се јасни, времето за прилагодување помина, а казните веќе се наплаќаат.

Зачлени се на нашиот е-билтен