Во говорот по одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан, претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, акцентот го стави на, како што рече, „новата реалност“ во однос на проширувањето.
„Новата реалност е дека не е доволно едноставно да ја оставиме вратата отворена за нашите аспиранти членови, туку треба да бидеме активни и треба активно да ги доближуваме до нас“.
Значи, вратата кон Европа и европјаните е отворена, ама бидејќи за НАС патот е трнлив и полн со предизвици кон нив, ТИЕ решија низ таа врата да влезат ваму. Во најмала рака, за да престанеме да чукаме на отворена врата.
Фон дер Лајен го кажува тоа со други зборови: „Ќе продолжиме да работиме напорно на два приоритети со нашите партнери од Западен Балкан: Пристапување во ЕУ, и постепена интеграција во нашиот единствен пазар“.
Преведено, пристапувањето ќе си тече со онаа динамика со која секоја од државите од Западниот Балкан ќе си ја овозможи. Кога-тогаш, нејзин проблем.
Тука Комисијата гледа забележителен напредок во изминатата година и ги набројува:
„Само оваа недела затворивме уште три поглавја од преговорите со Црна Гора. Се надеваме дека ќе видиме повеќе затворени во 2025 година. Штотуку го отворивме кластерот за надворешни односи со Албанија. А Советот, исто така, се согласи да продолжи со отворањето на кластерот 3 со Србија“.
Македонија не се споменува во оваа тема. Не затоа што за нас нема кластери. Туку
веројатно затоа што за Македонија кластерите се затворени во куферот на Мицкоски со кој отиде во Брисел.
А тој рече:
„Одам со истиот куфер и со исто пакување.“
Фон дер Лајен му врати со иста мерка од пакувањето во нејзиниот куфер:
„Помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се во сржта на Европската унија. Затоа е од суштинско значење меѓународните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати. Знам дека е тешко ама на крајот дава резултати“.
За ЕУ, новиот пристап е дека нè чека сите нас од Балканот, со свои предрасуди, со локални проблеми и подметнувања и со тврдоглави лидери кои мислат само на себе, но дотогаш смета дека е подобро таа да влезе тука со поголема сума пари за барем граѓаните да имаат нека бенефит додека чекаат.
Затоа лидерството на Унијата вели: „Целта е постепена интеграција во Единствениот европски пазар“. И тоа веројатно ќе биде „успехот“ на Унијата што ќе ги задоволи „внатрешните“ реформи во Блокот.
Не случајно Дер Лајен потсетува дека во октомври 2020 година, е поднесен Економски и инвестициски план од 30 милијарди евра за регионот. Овој инвестициски план гради патишта, железници, електрани и електрични мрежи, широкопојасен интернет, создава врски меѓу нас. Веќе 60% од финансирањето е мобилизирано, а нови проекти постојано се пробиваат. Планот за раст може да ги приближи економиите од Западен Балкан. Во моментов, економиите на Западен Балкан изнесуваат 35% од просекот на ЕУ. Планот за раст има потенцијал да ја удвои нивната големина.
Планот за раст е 6 милијарди евра инвестиции, а принципот е и инвестиции и реформи. „Сега имаме пет амбициозни реформски агенди за пет партнери од Западен Балкан, и со нетрпение очекуваме да го добиеме шестиот.“
Планот за раст им нуди на партнерите од Западен Балкан постепен пристап до нашиот единствен пазар, вели Фон дер Лајен.
„Земете ги таканаречените „зелени ленти“. Го забрзуваме движењето на луѓе и стоки на десет клучни гранични премини меѓу ЕУ и Западен Балкан. Ова ќе го намали времето на чекање на границата до 80%. Ние, исто така, го внесуваме Западен Балкан во Единствената зона за плаќања во евра. Ова значи многу едноставен, евтин, брз и сигурен трансфер на пари меѓу Западен Балкан и ЕУ – многу важен за граѓаните и компаниите. Албанија и Црна Гора ќе се приклучат од следната година, а наскоро ќе следат Северна Македонија и Србија“.
За крај, краток поглед на регионалната соработка. Нашите партнери напредуваат и со нивниот Заеднички регионален пазар, Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан. Последниот Самит на Берлинскиот процес беше клучен во овој поглед. Сега се спроведуваат пет договори за мобилност. Овие договори, од е-трговија до признавање на професионалните квалификации, ги уриваат бариерите за луѓето и бизнисите во рамките на Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан.
Значи, седете таму, тргувајте, соработувајте, еви ви го и нашиот европски пазар, покажете европски начин на соработка, па чукнете на вратата на ЕУ. Таа ви е отворена. Ама не порано, не пред тоа.