Синоќа биле хоспитализирани уште 20 повредени лица, меѓу кои и тројца пожарникари, со што вкупниот број на хоспитализирани останува околу 90, објави директорот на Фондот за здравство, Сашко Клековски.
Според информациите, во Клиничкиот центар во Скопје се згрижени 60 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ 17, а во болницата „Св. Наум Охридски“ 12. Дополнително, во приватните клиники „Аџибадем Систина“ се лекуваат осум лица, а во „Жан Митрев“ шест.
Во странство биле пренесени 24 повредени – 13 во Србија, двајца во Словенија, четворица во Литванија, еден во Бугарија и четворица во Австрија (Виена и Грац). Со тоа, вкупниот број на повредени кои се лекуваат надвор од земјава достигна 73.
Во Србија, еден пациент е згрижен во Клиничкиот центар во Ниш, четворица во ВМА, а осум во Клиничкиот центар во Белград. Во тек се подготовки за нови медицински транспорти кон Атина, Грција и Загреб, Хрватска.
Дополнително, во Скопје пристигна медицински тим од Израел од реномираниот Шеба центар, а експерти од Чешка и Израел веќе работат во Клиничкиот центар. Тимовите денеска ги поздрави и премиерот Христијан Мицкоски.