Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, објави дека британската авиокомпанија „EasyJet“ официјално поднела документи за нова авиолинија што ќе ги поврзе Скопје и Париз преку аеродромот „Орли“, кој е најблиску до центарот на градот.
Министерот додаде дека во текот на оваа година се очекува да бидат потврдени уште 3-4 нови дестинации од македонските аеродроми.
Од март 2025, авиокомпанијата „Transavia“ ќе започне со летови помеѓу Амстердам и Скопје, што ќе биде првпат по 2008 година редовно да биде воспоставен авионски превоз меѓу аеродромот „Схипхол“ и главниот град на Македонија. Летови ќе се одвиваат двапати неделно, почнувајќи од 2 март.
Исто така, од 30 март, компанијата „Fly Dubai“ ќе започне со летови Скопје-Дубаи-Скопје двапати неделно. Од 30 јуни ќе бидат активни нови летови Скопје-Барселона-Скопје, двапати неделно, како и Скопје-Лион-Скопје, трипати неделно.
Од оваа година, ќе има и нови летови за Штутгарт-Скопје трипати неделно. На Охридскиот аеродром, двапати неделно ќе се лета на релацијата Охрид-Базел-Охрид, додека компанијата „Turkish Airlines“ од 30 март ќе започне со летови на релацијата Охрид-Истанбул-Охрид.
Министерот Николоски нагласи дека во летниот период на Меѓународниот аеродром во Скопје се оперираат 47 дестинации, а во зимскиот период 38, додека од Охридскиот аеродром во летниот период се оперираат 8, а во зимски 4 дестинации.
„Wizzair“ ќе ги реализира новите летови за Штутгарт, Базел, Барселона и Лион.