Хрватска воведува построги правила за вработување на странски работници, особено од регионот. Новиот закон бара тестирање на пазарот на трудот, гарантира исти права како и домашните работници и воведува одговорност и за агенциите и за компаниите што вработуваат странци – со високи казни за секој што ќе ги прекрши прописите.
Во текот на летните месеци, многумина граѓани на Македонија одат во Хрватска на сезонска работа, главно на Јадранското Море, каде што се најбарани во угостителската и туристичката индустрија, според неофицијални проценки.
Од април 2025 година, Хрватска воведе значајни измени во Законот за странци, што директно ги засега сезонските работници од кај нас.
Новите прописи носат построги услови за вработување, поголеми одговорности на работодавачите и подобра заштита на правата на странските работници.
Секоја година, во текот на летната сезона, работници од Македонија одат во Хрватска на сезонска работа, претежно во приморските градови како што се Ровињ, Пореч и Макарска. Тие најчесто работат во угостителството и туризмот, работејќи како келнери, готвачи, собарки и помошен персонал. Поради недостаток на домашна работна сила, хрватските работодавачи често нудат конкурентни услови, вклучително и обезбеден сместување и храна, со цел да привлечат работници.
Сепак, од април 2025 година, сите агенции што се занимаваат со доведување странски работници во Хрватска, особено од регионот, мора да се прилагодат на новата, построга законска рамка.
Новиот Закон за странци носи низа промени насочени кон регулирање на секторот за привремено вработување и зајакнување на правата на странските работници во Хрватска.
Кога не е потребен тест за пазарот на трудот?
Тестот за пазарот на трудот, кој беше воведен како задолжителен чекор во процесот на вработување странци, не мора да се спроведува во неколку специфични случаи. Прво на сите, овој чекор се прескокнува при вработување работници од дефицитарни занимања, како што се готвачи, заварувачи, ѕидари или возачи.
Исто така, тестот не е потребен ако странскиот работник веќе бил вработен кај истиот работодавач во текот на претходната година, што го олеснува повторното ангажирање на сезонските работници. Исклучок важи и за високообразовани експерти кои доаѓаат во Хрватска преку таканаречените сини карти на ЕУ – специјални дозволи наменети за висококвалификувани работници од земји надвор од Европската Унија.
Построги услови за хрватските компании
Компаниите кои сакаат да вработат странски државјани мора да исполнуваат дополнителни критериуми. Еден од нив е задолжително вработување на најмалку еден домашен работник во текот на претходната година. Покрај тоа, компаниите мора да докажат дека оствариле месечен промет од најмалку 10.000 евра (за претприемачите, прагот е 15.000 евра) и дека немаат евидентирани прекршувања во областа на трудовото законодавство.
Овие одредби имаат за цел да спречат злоупотреби и да обезбедат странците да бидат вработени само кога домашниот пазар на трудот не може да ги задоволи потребите на работодавачите – и под фер и јасно дефинирани услови.
Според новите прописи, работна дозвола се издава исклучиво за одреден работодавач, а секоја промена на компанијата бара нов административен процес.
Работниците повеќе нема да можат да „шетаат“ од работа до работа преку истата агенција бидејќи законот сега го забранува тоа.
Исто така, беше воведена и споделена одговорност меѓу агенциите и работодавачите; доколку се утврди дека условите за работа не се во согласност со законот, и двете ќе ги сносат последиците, вклучувајќи казни и можност за забрана за понатамошно вработување на странци.
Една од клучните новини се однесува на еднаквиот третман на странските работници.
Без оглед на тоа што се вработени привремено и преку агенции, тие сега мора да имаат исти права како и постојано вработените во домашните компании. Ова значи иста плата, исти услови за работа и домување, како и право на одмор и слободни денови.
Новиот закон воведува и задолжителен тест на пазарот на трудот како прв чекор во процесот на вработување странски работници.
Работодавачот мора да докаже дека во Хрватска нема достапен домашен кандидат за позицијата што ја нуди.
Доколку ниту еден од домашните кандидати не аплицира или не ги исполнува условите, само тогаш работодавачот може да побара работна дозвола за странски државјанин.
Овие измени имаат за цел да ги заштитат интересите на странските работници, да обезбедат фер услови за работа и да придонесат за рамнотежа на пазарот на трудот во Хрватска.